Стеван Василески: „Автопортрет“

Стеван Василески

Стеван Василески е роден на 29 октомври 1932 година во Прилеп.

Завршил Средна уметничка школа и Педагошка академија – група ликовно воспитување во Скопје. Работел како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладинивци“, подоцна и во ОУ „Добре Јованоски“, од каде и се пензионирал. За постигнатите резултати во ликовното воспитување кај децата и за ширењето на ликовната култура, Битолскиот завод за школство на поранешна СФРЈ, го назначил за советник по ликовно воспитување во град Прилеп и неговото подрачје.

За сe што сторил во областа на ликовната култура, Републичкиот педагошки совет му го доделува звањето „Особено истакнат ликовен педагог“.

Како уметник, во 1958 година станува член на Друштвото на ликовни уметници во Македонија (ДЛУМ). Оттогаш редовно учествува на сите годишни изложби на ДЛУМ во Скопје и други градови во нашата Република, но и надвор од неа. За време на неговото ликовно творештво има отворено повеќе самостојни изложби во Републикава и надвор од неа.
Тој е првиот македонски сликар, кој самостојно излагал во Солун, во галеријата „АРСА“ во 1974 година.

Стеван Василевски своите слики ги доближува и до работникот, отворајќи самостојни изложби по работните колективи, фабриките и рудниците. Делата ги изработувал во повеќе техники: масло на платно, масло на шперплоча, графики, мозаици и др. Карпите, нивните форми, вегетацијата, Маркови Кули и прилепското поднебје биле неисцрпен извор на инспирација – еден посебен свет кој примамливо го привлекува окото на секој уметник.

Добитник е на Септемвриската награда на град Прилеп, за мозаикот во белата куќа на Тутунскиот комбинат, награда на ДЛУМ, прва награда од галеријата „КОРА“ – Скопје итн.

Одликуван е со Орден на трудот со сребрен венец и Орден на трудот со златен венец. Негови слики се наоѓаат во многу домови во нашава Република и надвор од неа, и тоа во Бугарија, Грција, Србија, Словенија, Русија, Германија, Америка и Романија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc