Пане Напе... Фотографски хроничар и прилепската кино -легенда...

Пане Напе

Пане Напе е роден во 1902 година во Прилеп. Татко му Димко бил фотограф и важел за шетан човек. Во Париз, во 1912 година, за првпат го видел најновото чудо – филмот. За филмот му раскажувал на својот мал син Пане, кој оттогаш сонувал да види што е тоа филм.

Тој сон му се остварил во 1916 година, кога германските војски, кога германските војски за првпат носат кинематограф во Прилеп и вршеле кино-проекција. Кај пане се јавил нов сон – да купи кинопроектор. Продавал мекици, ја штедел секоја пара, позајмувал, па преку некој германски војник, со кој се спријателил, од Дрезден купил проектор „Ернеман 1“.

Во октомври 1917 година, во дворот кај Напевци, една стара шупа се претворила во кино-сала. Пред платното бил сместен полуконцертен клавир. Свирел Пане Напе. Прилепчани, повеќе од 250 гледачи, го гледале новото чудо, првиот филм „Дамата со камелии“, прва екранизирана верзија на романот од Александар Дима.

Од таа 1917 година, па се до јуни 1946 година, киното работело речиси непрекинато и биле емитувани стотици филмови. Новите власти го конфискувале киното на Напевци, со образложение дека за време на војната емитувале германски и италијански филмови. Така, како што самиот Напе има кажано, „започнал неговиот втор живот“.

Напе го зел фотоапаратот, од кој нема да се раздели до крајот на животот во 1979 година. Направил илјадници фотографии од сите поважни настани во градот, како и фотографии со мотиви од Прилеп и околината, фотографски сведоштва за градот во текот на цели шест децении – занаетчии, градски и селски куќи, полиња, тутуноберачи, манастири, Марковите Кули…

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc