Драган Секулиќ: „Пензија“, 1966 година

Драган Секулиќ

Драган Секулиќ (1947-2000) како цртач и дизајнер зазема бележито место меѓу раните автори на стрипот и карикатурата во Македонија.

Драган првите карикатури ги црта 1961/62 година за ѕидниот весник на основното училиште „Кочо Рацин” во Прилеп. Своите живи уметнички склоности ги манифестира занимавајќи се и со театарот, но истовремено продолжувајќи да работи на цртежот и карикатурата.

Првата карикатура му ја објавува, во тоа време најзначајниот југословенски весник за млади „Кекец”, а подоцна, цртежот на групата „Ролинг стоунс”, популарниот магазин „Џубокс”. Уште како средношколец, почнувајќи од 1966 година, Секулиќ го работи неделниот стрип „Трпко” кој го објавува во локалниот весник „Народен глас”. Инаку, од цртањето и дизајнот не се откажа сè до прераната смрт во 53 година од животот.

За театарскиот плакат за претставата „Лепа Ангелина” на МНТ на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински” во 1997 година ја добива наградата за најдобар плакат.

Автор е на повеќе дизајнерски решенија за книги и дизајн во индустријата за фирмите „Микросам”, „Пролукс” и др.
Автор е на логоата на „Леснина инженеринг”, „Еуроинвест”, хотелот „Липа”, како и заштитниот знак на „Макпетрол” од Скопје.

Експериментирајќи и во новите техники, Драган Секулиќ во 1998 година ја освои првата награда на светскиот конкурс на софтверската фирма „Корел” од Канада за најуспешен цртеж реализиран во програмата Соrel draw во категоријата до 2600 компјутерски потези.

За своето творештво овој даровит цртач е добитник на голем број награди и признанија, а постхумно е награден со наградата „Златно сонце”.

Драган Секулиќ беше уредник во списанието „Стремеж”, како и уредник на „Народен глас”, каде што насловната страница со години ја донесуваше неговата дежурна карикатура на пати и во форма на стрип.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc