Бошко Бабиќ

Бошко Бабиќ

Бошко Бабиќ е роден на 19 февруари 1924 година во Босанска Градишка.

По завршувањето на основното училиште, своето школување го продложил во Белград, во Граѓанското средно училиште и во Трговската академија. Заради своето делување против окупаторот, во 1943 година бил исклучен од Академијата, кога и заминал во партизани. На 22 декември 1944 година бил тешко ранет како борец на Сремскиот фронт. Иако бил прогласен за тежок воен инвалид, кому се забранува секаква интелектуална работа, по завршувањето на војната се запишал на Филозофскиот факултет во Белград и дипломирал на катедрата за Историја на уметност.

Во 1955 година животот го носи во Прилеп, каде на 1 јули истата година го основал Народниот музеј, при што бил назначен за негов прв директор. Во музејот својот придонес го дал во областа на средновековната историја на уметност и археологија, а по негова голема заслуга се формирани збирките на археолошки и етнографски старини, колекцијата на икони, како и репрезентативната збирка на предмети за уживање на тутун.

Во 1970 година иницирал формирање на Археолошко друштво на Македонија и бил негов прв претседател. Ги покренал и уредувал стручните списанија „Macedoniae Acta Archaeologica“ и „Balcanoslavica“. Во 1972 година бил избран за прв претстедател на Сојузот на археолошки друштва на СФР Југославија.
Во 1973 година, по повод 100 години организирано тутуно производство во Прилеп, и 400 години од присуството на тутунот во Отоманската империја го формира музејот за тутун, единствен од овој вид на Балканот и еден од поголемите тутунски музеи во Европа.
Во 1975 година во Киев бил избран за претседател на Меѓународната унија за словенска археологија.
Во 1980 година докторирал на Универзитетот „Марија Кири Склодовска“ во градот Лублин во Полска.
Во рамките на Народниот музеј го формирал Центарот за истражување на старословенска култура, кој во 1980 година се осамостоил како засебна научна институција – Институт за истражување на старословенската култура и бил негов прв директор.
Активно учествувал и во работата на Центарот за современа ликовна уметност и како член на Советот бил негов доживотен почесен претседател и продолжил да соработува со него и по пензионирањето во 1987 година.
Во долгогодишната научно-истражувачка активност зад себе оставил голем број на стручни трудови.
Активно учествувал во работата на списанието „Стремеж“ , како долгогодишен член на редакцијата и во еден период и како негов главен уредник.

Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди, признанија и ордени. Покрај делувањето во струката, учествувал во севкупниот културен живот во Прилеп и пошироко.
Во 1960 година Бошко Бабиќ е добитник на Трето Ноемвриската награда на Општина Прилеп, за вложените усилби околу откривањето и запознавањето на нашата јавност со Старословенската населба во Варош.

Бошко Бабиќ бил и прв претседател на театарските игри „Војдан Чернодрински“. Автор е на повеќе филмски и телевизиски сценарија, елаборати и проекти. Во рамките на меѓународниот проект „Енциклопедија на раната историја на Европа“ тој бил координатор за СФР Југославија.

Почина на 20 септември 1998 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc