Боро Митриќески - Борана

Боро Митриќески – Борана

Боро Митриќески – Борана е роден на 10 мај 1927 година во Варош, Прилеп. Основно образование завршил во Прилеп, уметничка школа во Скопје, каде ги добил првите познавања од скулптурата од проф. Димо Тодоровски. Дипломирал на Академијата за ликовна уметнист во Загреб во 1954 година, во класата на скулпторот Вања Радуш.

По завршувањето на студиите работел како ликовен педагог во Скопје, а од 1979-1984 година бил директор на Уметничката галерија во Скопје. На 26 јули 1997 година бил примен за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Студиски патувања остварил во Франција, Велика Британија, Грција, Русија, Египет, Шпанија, Германија, Австрија, САД, Канада, Полска, Шведска. Приредил повеќе од 20 самостојни изложби, а автор е на десетина монументални споменици. Добил голем број државни и меѓународни награди и признанија.

Голем број македонски зналци ја толкуваат постапката на Митриќески: Соња Абаџиева Димитрова, Владимир Георгиевски, Ефтим Клетников, Борис Петковски, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Славко Јаневски, Златко Теодосиевски и други. Неговото творештво е оцснувано исклучително високо.

Современиот и специфичен приод кон портретот, човечката фигура и торзото во неговото творештво, ги даваат највпечатливите и најквалитетни примери од таа област во контекстот на современиот скулпторски израз на Македонија. Едноставноста е силна селективна моќ на овој наш современ македонски уметник, која не раскажува, туку пресоздава, врзувајќи ги сите времиња во едно време. Неговата суптилна естетизација го почитува законот на хармонијата. Тоа е мајсторството да се обликува без отстапка, но не рутински, туку секогаш инвентивно и имагинациски свежо.

Тоа е своевидно негово љубовничко општење со дрвото: мртвата материја Митриќески ја доживува како скриен живот што ќе се роди под неговите раце. Скулптурата му прилега нему самиот: мека, едноставна, непосредна, чиста, лирска и во епските теми. Секоја скулптура на Митриќески е еден крик: крик на материјата што се обидува да излезе од својата немост. Стоиш молкум и гледаш – од пенушка или дел на полудиво и сурово стебло, како безимено тешко и се дава на секирата, се вообличува со помошта на мислата и мускулот фигура како во далечна приказна.

Во сите дела се препознава раката на маестро Митриќески – мајстор на дрвото, уметник на топлиот хуманистички пристап, целосно свртен кон Човекот, творец со исклучително стабилен и логичен еволутивен пат.

Тоа е само мал дел од критижките вреднувања на неговото дело.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc