Борко Лазески: „11 октомври“, акрилик во Музејот 11 Октомври, Прилеп.

Борко Лазески

Борко Лазески е роден во 1917 година во Прилеп.

Во годините пред Втората светска војна студирал на Ликовната академија во Белград, a во 1941 година се префрлил на Државната ликовна академија во Софија.
По војната тој е еден од иницијаторите за формирање на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и на Уметничката школа во Скопје.
Президиумот на АСНОМ го прифатил предлогот на ликовните уметници на Македонија за основање на Државна художествена школа во Скопје со два отсека: художествен и учителски.
Со донесувањето на одлуката, на 1 декември 1944 година повереникот за народна просвета Епаминонда Попандонов донесол решение за назначување на Никола Мартиноски за директор на школата а за предавачи биле назначени: Лазар Личеноски, Борко Лазески, Димитар Тодоровски, Василие Поповиќ-Цицо, Тома Владимирски и Здравко Блажев.

Борко Лазески во 1949 година е еден од основачите на Уметничката галерија во Скопје.
Како стипендист на француската влада престојувал во Париз, каде што специјализирал фрескосликарство и мозаик. Во 1951 година почнал да го работи своето најпознато монументално дело – „Фреската на НОБ“, на површина од 225 квадратни метри, за Старата железничка станица во Скопје, која била уништена во катастрофалниот земјотрес. Во 1953 година, заедно со Димче Протуѓер, ја формирале уметничката група „Денес“.
Во шеесеттите години бил професор на белградската Академија за ликовни уметности.

Остварил студиски патувања во Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и во Индија.
Добитник е на многубројни награди и признанија за изработка на фрески, мозаици, витражи и за долгогодишна активност во областа на ликовната уметност. Во 1978 година добил „Октомвриска награда“ за животно дело.

Починал на 16 јуни 1993 година во Скопје.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc