Александар Иваноски - Карадаре

Александар Иваноски – Карадаре

Александар Иваноски – Карадаре , вајар/сликар

Александар Иваноски-Карадаре е роден во 1943 година во Прилеп. Завршил Академија за ликовна уметност во Љубљана. Има организирано групни изложби во Париз, Каиро, Франкфурт, Белград, Скопје, а самостојни во Белград, Скопје, Охрид… Добитник е на меѓународни награди во Мурска Субота, Нови Сад, Каиро…

„Уметникот повеќе години се концентрира на опсервирање на луѓето и нивната психичка и духовна реалност во урбани услови на живеење. Самиот уметник забележува: „Набљудувајќи ги луѓето се трудам да го насетам животот“ и тоа „мора да биде исто и со скулптурата. Мора животот да е во неа, во спротивно таа би била само облик“. Карадаре не работи според модел, туку според сеќавање на еден пробивен набљудувач кој моделира реалистични ликови и фигури водејќи сметка за целината и просторното решение на сцената. Тој е фасциниран од „создавањето на човечкиот облик“ од промените на телото и душата заробена во него. Негова цел е да постигне полност на битието со сите карактеристични движења и преобрази. Внатрешниот живот на човекот е обликуван и изразен од надворешните црти на ликот и специфичната конфигурација на телото. Тој е заинтересиран не само за свесното спознание, туку и за импулсите на потсвесното во човекот кои добиваат и некои видливи форми на изразување. Карадаре вели дека „го проучува заробениот дух во скулптурата, неговото претворање во енергија“, што сугестивно е изразено во различните решенија на движење во скулптурата и живото моделирање на нејзината површина.

Во неговото пластично „изживување“ има полн квалитетен звук на осмислена фигуративна целина по која струи и трепери непосредно „човечко чувство“ и вживување во посебното и општото во човекот. Карадаре ја бара „вистината за човекот“ низ процесот на индивидуалниот креативен чин во кои се содржани основните класични ликовни принципи на обликување: тој работи со контрастот на мазна и рапава фактура, издолжување на екстремитетите за да и даде скпресија (некаде маниристично осмислена) на пластичната арабеска.

Движењата се бавни, разнишани и „старечки“ или елегантни, младешки полетни и кокетни. Уметникот некаде успева да ја задржи природноста а да не навлезе во анегдотичност; тој употребува готови предмети или материјали, скулптурата ја бои за да добие визуелна уверливост или ја украсува заради живата присутност и евокативност на скулптурата. Издвојувањето, замрзнатоста на позата со сите атрибути на полот (тоа се пред се женски фигури) и мистериозната аура на фигурата упатуваат на симболистичките настојувања на авторот. Спојот на современото и модерното со архаичното (некои решенија потсетуваат на египетската скулптура) и даваат специфични белези на оваа скулптура.

Преобилноста на украси во некои дела и пренагласената извиеност на фигурите им даваат маниристичка привлечност потврдувајќи ја авторовата виртуозна техника и креативната намера да се биде во „текот на времето“, со модните трендови на младите. Скулптурата на Карадаре се наметнува како своевиден „исечок од стварноста“ но може да се забележи креирање на мизансцен кој бил детерминиран од неговата замисла и потреба од екпресивност на целината. Оттука необичните сообразувања и транформации на „познати“ предмети и амбиенти. Платната и цртежите, стилски се сродни и се надополнуваат со скулптурата во природна големина и мала пластика содржат посебни ликовни вредности и опстојуваат како автономни остварувања (луѓе – сенки итн.).

Карадаре во нов дух ги продолжува вредностите на директна работа во материјал (мермер, глина, лиење во трајни материјали) потврдувајќи се со својата изложба како еден од најзначајните скулптори во Македонија, речиси без конкуренција во фигуративната скулптура. Негови антологиски остварувања се: Продавач (1980), Продавач на лозови (1981), Колпортер (1983), Жена свири на клавир (1981), Минувачи 1 (1984), Старци 1 (1985), Крајот на трагикомедијата (1985), Трансформација (1986), Ситуација 2 – бутик (1987), Обични луѓе (2003), Мистерија 1 (2004), Мистерија 2 (2005), Код 1 (2005), Возвишеност (2005), Енергетска ротација (2006) итн“.

Владимир Величковски

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc