Годините на Првата светска војна: Турска фамилија покрај низите со тутун.

Тутуни жолти отрови…

Тутунот…

Посебно стопанско значење за Прилеп и Прилепско има тутунската култура, која во прво време ја одгледувале само Турците, а подоцна и останатото население. Особено во Првата светска војна, тутунот за Прилеп претставувал култура со многу големо економско и социјално значење. Тој постанал доминантна индустриска култура, која било на прво место, не само меѓу индустриските, туку и меѓу сите земјоделски култури, па со тоа добил особено важно значење за развитокот на град Прилеп.

Прилепчани во почетокот тутунот го произведувале како чифчии и наполичари, а подоцна како самостојни производители. Во годините на Кралството на СХС, и во Прилеп беше воспоставен монополски режим во прозиводството на тутун.

Во 1920 година во прилепско биле засадени 3.500 до 4.000 хектари од кои биле производени 3.5 милиони килограми на тутун.
Со оглед на тоа што магацинот на бившата режија бил изгорен при повлекувањето на српската војска во 1915 година, откупот на тутун се вршел по приватни куќи.
Во 1919 година, од бербата во 1918 година биле откупени повеќе од 600 тони и од бербата во 1917 година околу 200 тони. По завршувањето на војната побарувачката на тутунот пораснала и наредните години се зголемило неговото производство, така што во 1925 година во прилепскиот регион се откупени 1.500 тони тутун.

Во 1922 година почнало ѕидањето на камениот магацин за тутун, со капацитет од 700 тони, чија градба завршила во 1924 година. Истата година почнала градбата и на втор магацинчија градба завршила во 1927 година. Во 1925 година бил поправен магацинот на бившата режија и тука се сместила Тутунската опитна станица. Во приземјето од новиот камен магацин била сместена работилницата, а горните одделенија се употребувале за лагерување и сезонска ферментација на тутунот.

Откупот на тутун го регулирале финансистите (акцисти), кои се бореле и против криумчарењето на тутун. За криумчарење се сметало и употребата на тутун од сопствено производство за свои потреби.
Откупот на тутунот се вршел во присуство на повереници кои претходно давале клетва дека ќе работат праведно.
Исплатата на откупениот тутун се вршела на самото место, во присуство на општински органи кои по задржувањето на државните даноци, секоја пресметка ја заверувале со свој потпис и печат.

Во Прилепско се произведувале најубави ароматични ситнолисни тутуни. Нивното „брендирано“ име го користела дури и Грција, која неколку години по завршувањето на Првата светска војна извезувала тутун под име – „Прилепски“.

Тутунопроизводителите отсекогаш биле потценувани и секогаш биле третирани како обични индивидуални земјоделци, иако тутунот морале да го предадат до последен лист во Монополот по однапред одредена цена. Бидејќи тутунопроизводителите биле премногу експлоатирани и без никакви права во поглед на сопствениот тутун, тие постојано се бореле против ваквите постапки и постојано ги барале своите права, поради што за таа цел, во 1936 година е основано првото Тутунско здружение.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc