Рудолф Горник

Рудолф Горник

Академик Рудолф Горник e роден на 1 Април 1898 година во Сремска Митровица.

Тој бил југословенски земјоделски научник, кој работел на одгледувањето на нови сорти на тутун и бил основач на тутунската наука во Македонија и на Институтот за тутун во Прилеп. Во 1916 година ја завршил Гимназијата во Осиек, по што го продолжил школувањето во Прага на Земјоделскиот факултет, отсек одгледување и размножување на растенија. Во 1923 година го завршил школувањето со висок успех.

На негова иницијатива во 1924 година била основана првата експериментална станица за истражување на тутун во Прилеп, која била единствена од таков тип на Балканот. Во 1928 година станал нејзин управник, а кога во 1936 година експерименталната станица прераснала во Институтот за тутун, раководел со него се до 1939 година, кога станал началник на Државниот тутунски монопол во Белград.

Од 1946 до 1954 година повторно бил директор на Институтот за тутун во Прилеп. Во овој период дал особен придонес во осовременувањето на производството на тутун и во истражувањето на нови тутунски сорти подобни за македонското поднебје. Како резултат на неговата научноистражувачка дејност, добиени се ориенталните сорти на тутун: Прилеп 10-3/2, Прилеп 12-2/1, Јака Кире-чилер и Отља. Исто така се занимавал со интродукција на нови сорти на тутун од типот „Вирџинија“ и создавање на нови хибридни сорти на тутун отпорни на пероноспората на тутунот. Рудолф Горник од 1952 до 1954 година бил уредник на списанието „Тутун“.

Во 1954 година заминал за Загреб, каде што раководел со Институтот за тутун во Загреб. Во својата богата кариера Рудолф Горник е добитник на повеќе награди и признанија. Во 1964 година станал почесен граѓанин на градот Прилеп, а во 1979 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Автор е на повеќе од 60 научни и стручни дела од областа на селекцијата, одгледувањето, производството и преработката на тутунот.

1953: Производство на тутун од типот „Барли“;
1973: Облагородување на тутунот.

Починал на 19 февруари 1980 година во Загреб

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc