Ил. 1 - Квадрат 20 - Ниво со лепеж

Локалитетот Трештена Стена – Манастир

ЛОКАЛИТЕТОТ ТРЕШТЕНА СТЕНА – СЕЛО МАНАСТИР
(истражувања во 2014 година)

Во 2014 година, археолошките истражувања на локалитетот Трештена Стена се вршеа во просторот на квадратите 17, 18, 20, 25 и 25А, а делумно и во Сондата IV со што таа беше целосно истражена.

За стратиграфскиот изглед на населбата дадоа податоци сите квадрати, освен Сондата IV во која не е откриен никаков културен слој.
Во сите шест хоризонти на живеење кои се констатирани со предходните истражувања, пронајден е куќен лепеж, компактен или дислоциран најчесто со окераста до црвено препечена боја со отпечатоци од поситни гранки и цепени штици. Дебелината на гранките се движи од 0,08 до 0,12 м, на штиците од 0,02 м, а додека нивната ширина е до 0,10 м (ил.1).

Подовите се од набиена земја со окераста боја на кои се евидентирани повеќе јами од колци со различен пречник и длабочина, распоредени на различно растојание, а исто така и со различна ориентација при што во одредени случаи прават агол од градба (ил.2). Овде, особено е интересна ситуацијата во Квадратот 20 од I – от Хоризонт на живеење каде се појавија три јами од колци, полукружно распоредени од југозапад во правец кон исток.
Карактеристично за нив е тоа што тие делумно се вдлабени во карпа и од внатрешната страна обложени со тенок слој од тврда земја со окераста боја (дебелина од 0,06 м). Јамите се со пречник од 0,14 м до 0,23 м, и длабочина од 0,09 м до 0,12 м. Јужно од нив се наоѓа ниво од тврда земја со окераста боја, кое е со благ пад во правец кон југ при што влегува во јужниот профил.

Од Квадратот 20, ќе ја спомниме и следнава ситуација, а е поврзана со 4от Хоризонт на живеење. На ова ниво, е пронајден под од градба направен од слој од тврда земја со окераста боја на кој во североисточниот агол од квадратот се наоѓаше слој од интензивен гареж. Со негово дефинирање, а приближно во средината на квадратот се појавија четири јами од колци. Од нив две се поголеми (број 1 и број 3) и ориентирани во правец северозапад – југоисток и уште четири помали покрај јужниот профил. Јамите се со следниве димензии: пречник од 0,07 м до 0,29 м и длабочина од 0,11 м до 0,25 м (ил.3а).

Истовремено, во северозападната четвртина на квадратот се појави конструкција поставена во подот на градбата. Таа има приближно правоаголна форма, е ориентирана во правец северозапад – југоисток и ги има следниве димензии: должина од 0,85 м ширина од 0,40 (0,46) м и висина од околу 0,10 м Во југоисточната половина е зачуван дел од подот од реципиентот на конструкцијата, а се состои од слојот од убаво мазнета глина (сл.3b). По симнувањето на овој слој од глина (деб. од 1,0 см.) се утврди дека под него се наоѓа нов погруб слој од глина во кој се наоѓаат фрагменти од керамички садови и ситен аморфен камен. Тој е со дебелина од 1,0 до 2,0 см, а во одредени делови се наоѓаат и поголеми грутки од глина со дебелина од 5,0 см. (сл.3c). По кревањето на овој слој се појави ниво од пепел со белузлава боја што лежи на ниво од окераста до црвено препечена земја, а кое, всушност, е дното на конструкцијата (сл.3d).

При истражувањето е пронајден броен движен археолошки материјал и тоа, пред сè, фрагменти од керамички садови од кои некои се украсени со редови од ситни кружни убоди, потоа со гребење на мазната површина, во техника на браздесто врежување (таб. I, 4), со вертикални, паралелни, тесни и плитки канелури, како и со кружни или правоаголни убоди при што некои се исполнети со бела инкрустација. Пронајдени се и две целосно сочувани минијатурни садчиња (таб. I, 9,11).

Интересна е ситуацијата во северниот дел на квадратот 25А, каде покрај северниот профил се пронајде скоро целосно зачуван керамички сад (таб. II, 1), една половина од рачна мелница, а покрај неа и поголем камен со издолжена форма кој најверојатно се користел за дробење (мелење) на жито.

Од култните предмети се пронајдени повеќе фрагментирани антропоморфни фигурини (таб. I, 1-3, 8, таб. II, 6, 7), култно лепче (таб. I, 5) како и поголем број фрагменти од жртвеници со рамен реципиент најчесто украсни со овални, кружни или правоаголни убоди од кои некои се исполнети со бела инкрустација или во техника на браздесто врежување.
Ќе го спомниме и фрагментот од жртвеник со плиток реципиент на четири нозе (таб. II, 2), како и минијатурниот зооморфен жртвеник, исто така на четири куси нозе (таб. I, 7).

Од наодите од печена земја се пронајдени и: поголем тег со конусна форма, кружна плочка,
фрагмент од печат со врежави „V“ орнаменти (таб. II, 9), како и неколку прешлени со правоаголен или биконусен пресек во средината, вертикално кружно продупчени (таб. I, 6). При истражувањето беа пронајдени и: орудието од коска (таб. II, 4), фрагментираното острило од камен со сива боја (таб. II, 10), ножината од кремен со сива, кафеава и медова боја и триаголен пресек (таб. II, 3, 8), една рачна мелница, како и голем број на животински коски и речни школки.

На крајот, треба да се истакне и тоа дека беше расчистена и документирана и Градбата фундирана на карпа која се наоѓа на 50 –ина метри, западно од просторот истражуван по системот на квадрати. Тука, на две засебни карпи се наоѓаат вдлабени неколку поголеми јами за колци.
Карпите се паралелни, наредени од југ кон север и ориентирани во правец исток – запад, северната, односно северозапад – југоисток, јужната.
Се наоѓаат на растојание од 3,32 м во западниот до 4,0 м во источниот дел, и просторот помеѓу нив е грубо зарамнет во должина од околу 6,0 м а од источната страна затворен со две помали карпи. Јужната карпа е делумно засечена и зарамнета од северната страна при што нејзината висина во овој дел изнесува околу 0,51 м (0,58 м). На јужната карпа се вдлабени 3 (три) поголеми јами за колци ориентирани, а на северната карпа 2 (две) јами за колци (ил. 4).

Фото : Александар Миткоски

Извор: Археолошки информатор бр. 2, Прилеп, 2018 година

Нема Коментари

Коментирај