Меѓународен ракометен турнир – „Трофеј на Југославија“
БЕВМЕ УСПЕШНИ ОРГАНИЗАТОРИ НА 27 РАКОМЕТЕН “ТРОФЕЈ НА ЈУГОСЛАВИЈА
2005 година
„Монографија на прилепскиот ракомет“
Автор: Миле Талески
Од 27 јуни до 2 јули 1987 година, Прилеп беше домаќин на 27-от ракометен „Трофеј на Југославија“, кој беше организиран во соработка со спортските работници од соседна Битола. Меѓу организаторите на овој трофеј беше и Тутунски комбинат.
Организацијата беше мошне успешна и спортските и ракометните работници од Прилеп потврдија дека се кадри да организираат големи спортски приредби, како што беше оваа.
И оваа спортска манифестација потврди колку големи љубители на спортот и на ракометот се прилепчани. Во спортската сала „Македонија“ секогаш имаше двојно повеќе гледачи отколку седишта. На секое седиште седеа по двајца и секогаш имаше преку 4000 гледачи. Атмосферата беше на голема висина и пофалбите од сите страни беа упатувани на вистинското место. А, тогаш најзадоволен беше директорот на спортската сала „Македонија“, големиот спортски ентузијаст Димитар Мавцоски.
Колку за илустрација, треба да се каже, дека натпреварувањето на „Трофејот“ се одвиваше со осум екипи поделени во две групи.
Во А групата, во Прилеп се натпреваруваа А репрезентацијата на Југославија, СССР, Исланд и Норвешка.
Во Б групата, во Битола се натпреваруваа Источна Германија, Шпанија, младата репрезентација на Југославија и РК Пелистер.
Најмногу разочара Југословенската репрезентација, која на турнирот настапи како актуелен светски првак, а се пласира на петтото место што беше нејзин досега најслаб пласман на оваа традиционална манифестација.
Резултати:
А ГРУПА (Прилеп): Југославија – Норвешка 28:19 (14:9), СССР – Исланд 21:20 (10:9), Југославија – СССР 25:25 (13:11), Исланд – Норвешка 25:20 (12:8), Југославија – Исланд 15:18 (8:5) (куриозитет беше тоа што Исланд имаше само еден навивач) и СССР – Норвешка 25:19 (14:7)
Б ГРУПА (Битола): Југославија (млади) – Шпанија 20:21 (9:12), Источна Германија – Пелистер 23:19 (10:7), Источна Германија – Шпанија 22:19 (8:8), Југославија (млади) – Пелистер 29:26 (13:12), Шпанија – Пелистер 25:18 (14:9) и Југославија (млади) – Источна Германија 23:23 (11:12).
ФИНАЛНА ГРУПА: Шпанија – Исланд 22:20 (13:8), СССР – Источна Германија 26:19 (13:8), СССР – Шпаниja 23:23 (13:10) и Источна Германија – Исланд 24:27 (11:14).
УТЕШНА ГРУПА: Југославија – Пелистер 33:15 (15:9), Југославија (млади) – Норвешка 25:22 (12:10), Југославија (А) – Југославија (млади) 29:26 (16:14) и Пелистер – Норвешка 28:30 (19:13).
КОНЕЧЕН ПЛАСМАН:
1. СССР
2. Шпанија
3. Исланд
4. Источна Германија
5. Југославија (А)
6. Југославија (млади)
7. Норвешка
8. Пелистер.
За најдобар играч беше прогласен Тучкин (СССР), за најдобар голман Стојановиќ (Југославија-млади), за најдобар млад играч Томиќ (Југославија-млади) и за најефикасен поединец Прајдс (Источна Германија) со 32 постигнати гола.
Коментирај