Тројаци се наоѓа во источниот дел на територијата на општина Прилеп, преку превојот Плетвар, во горното сливно подрачје на реката Раец, на надморска височина малку над 600 метри.
Селото лежи на работ од дилувијална тераса (40 м.), на левата страна над кањонскиот засек Раец, каде што е лоцирано висечкото устие Долче. Од градот Прилеп селото е оддалечено 20 км. Атарот зафаќа простор од 19,7 км2.
Под селото има неколку чешми. Тројаци е село од збиен тип и отсекогаш било чисто христијанско. Мештаните се занимавале исклучиво со сточарство и земјоделство. Од трговска точка, за Тројаци е запишано дека отсекогаш „било слободно“. Нивите се наоѓаат од двете страни на Раец, „по рамнините и ритчињата“. Покрај лозјата, се одгледувало и овошје за „на пазар во Прилеп“. Посиромашните селани оделе на аргатлук низ Тиквешијата и Пелагонија. При крајот на XIX век, селаните оделе на „гурбетлук“ во Србија, Бугарија и Америка. Покрај патот, на другата страна од долината, се наоѓала и селската железничка станица.
Повеќето фамилии во Тројаци имаат старо потекло: Чеповци, Марковци (Ќимовци), Шипинковци, Трајановци, Шутевци (некој од претците бил „шут“), (Утковци) („набашка ги делеле утките“) (слават Свети Никола); Митковци, Стојковци, Станковци (Цуцуловци) (слават Свети Георгиј).
Во Тројаци доселени фамилии се: Стојановци, кои се дојдени од Топлица околу 1860 година (слават Свети Георгиј); Кушевци – некој Ангеле од Беловодица пребегал во Тројаци во 1910 година (слават Арангеловден).
Од 1870 до 1910 година од Тројаци се иселиле: Чеповци (Јован и Ристо – брдари; друг Јован – тутунџија; Петре – кираџија); Шипинковци (Тале – бакалин); Чакревци (Диме и Дане – аргати, кои во селото биле многу „расипани“); Трајановци; Станковци (Никола – зарзаватџија); Митковци (Спиро – крчмар, Тоде – казанџија, и двајцата свештеници Крсте и Игнатиј); Марковци (Ќимо и Неде – каменоресци во Плетвар, Тоде Шишко и Ристе – пајтонџии, Јанко и Трајко – млекари).
Во Варош се иселиле: Митковци (Јовче – тутнџија). Во Алексинац се иселиле: Шипинковци (Ѓорѓи – рудар); Стојковци (Диме Шајин – зарзаватџија); Станковци (Диме и Андре – калдрмаџии); Митковци (Спасе – тутунџија, Мице – терзија, Ристе – бакалин). Во Крагуевац се иселиле: Станковци (Иге – претприемач). Во Белград се иселиле: Чеповци (Никола, Лазо и Дуко – мајстори). Во Софија се иселиле: Митковци (Ѓорче – учител). Во Америка се иселиле: Митковци (Рампо од поп Алекса, и Рампо од Тасевци).
Во XIX век Тројаци било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, „Тројак“ е посочено како село во Велешката каза со 40 домаќинства и 173 жители.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Тројаци имало 380 жители, сите христијани.
Во почетокот на ХХ век, населението на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во „Тројанци“ имало 280 егзархисти.
Селскиот панаѓур во Тројаци се одржувал на Петковден. Храмова слава според старата црква е споменот на Свети Талалеј, а постои и „нова“ црква во чест на Свети Георгиј, „ама и двете биле скриени од џадето, под селото“.
Црквата „Свети Георгиј“ претставува трикорабна базилика, со полукружна апсида од надворешната страна. Подигната е во 1838 година, а живописана е во 1850 година. Во 1892 година дограден е надворешен трем на западната страна.
По иницијатива на црковниот одбор, во 2005 година извршени се ископувања на едно место над селото, на патот за Царевиќ, за кое се претпоставува дека тука имало црква. Најдени се камења, за кои се верува дека се дел од стара црква. Во 2006 година, Митрополитот Петар на ова место ги освети темелите за градба на манастир во чест на „Света Троица“.
Во долината „Пештера“, под селото има место „Грамаѓе“, каде што биле ископувани римски пари. Преку Раец има место наречено „Манастириште“, за кое селаните сведочеле дека тука некогаш имало манастир.
Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 216; 1954 = 264; 1961 = 224; 1971 = 119. Според пописот од 1981 година, во Тројаци имало 34 жители, во 1991 = 29, во 1994 бројот се намалил на само 30, а според пописот од 2002 година селото има само 11 жители, сите Македонци.
Во 1867 година, во Тројаци е роден македонскиот револуционер Никола Бошков Тројачанец. Во Тројаци е роден и Петре, таткото на Ѓорче Петров. На 8 април 1907 година, во месноста Пештерите, во близина на селото, од турскиот аскер убиен е прилепскиот војвода од Зрзе – Стефан Костадинов Шиндилов, заедно со целата своја чета.
Коментирај