Трајко Митрев Кралев (Кралот, Брничанчето) е роден во 1874 година во мариовското село Брник во сиромашно семејство.
Неговите родители, татко му Митре и мајка му Неда имале пет деца: Ристе, Тодорче, Трајко, Велика и Трпана.
Неговото детство не се разликувало од детството на другите деца во селото, но како што растел се повеќе во него се развивал немирниот и буен темперамент, кој подоцна ќе го развие во легендарен борец против турската тиранија и туѓите влијанија од верски, политички и национален карактер.
Бил близок соработник на прилепскиот војвода Петар Ацев и на Крсто Гермов-Шакир, а за време на Илинденското востание бил во состав на здружената чета на Крсто Гермов-Шакир, Димче Сарванов–Могилчето и Иван Кафеџијата. Во 1904 година Трајко Кралот станал реонски војвода во Мариовско, каде што водел повеќе борби со турскиот аскер и грчките андарти. Грчките андарти за одмазда му го убиле целото семејство – татко му, браќата и сестрите, вкупно 15 мина.
Истата година, кај Небрежката липа на планината Мукос, Трајко Кралот, Петар Ацев, Ѓоре Спирков-Леништанецот и Крсто Гермов направиле средба со србоманскиот војвода Глигор Соколовиќ, кој со фалсикувани документи ги убедил да и се придружи на МРО.
На таа средба, сомневајќи се во одлуката на Соколовиќ, Трајко побарал Соколовиќ да биде обезоружен. Притоа, му ја зел пушката и ја ставил на видно место да ја гледа.
На 1 јули 1905 година, Димче Могилчето заедно со Јон Димов-Пашата и Трајко Кралот, од заседа го убиле злогласниот Шефкија-бег, кој имал чифлик во село Могила. Убиството на Шефкија-бег, за кого се сметало дека куршум не го бие, силно одекнало кај турското и македонското население, додека овој настан силно го растревожил битолскиот валија Селим ефенди.
Во 1907 година, четите на Димче Сарванов–Могилчето, Трајко Кралот и Лука Геров се судриле со андартски чети кај село Ивени, Мариовско, Во битката, во која свој придонес имал и турскиот аскер, животот го загубиле триесетина четници, а Димче Могилчето бил тешко ранет. По битката, Димче Могилчето бил пренесен во Битола каде се лекувал.
По Младотурската револуција, заедно со Ѓорги Касапчето и Алексо Стефанов, ја обновиле револуционерната дејност во Битолско.
Во 1910 година Трајко Кралот, заедно со Дончо Златков, дејствувал во Горноџумајско (Благоевград).
Загинал во борба со турскиот аскер во 1911 година во близина на селото Симитли.
Коментирај