1902: Дона Ковачева, Марко Секулички, Гоце Делчев, Михаил Герџиков, Петко Пенчев и Тодор Станков во Ќустендил

Тодор Станков

Тодор Станков е роден на 28 јануари 1875 година во Прилеп.
Основното образование го завршил во родниот град, а гимназиското при Солунската гимназија во 1893 година. Учителствувал во Крушево и Прилеп, каде што влегол во Организацијата и станал член на локалниот околиски револуционерен комитет.
Подоцна бил учител во Штип во учебната 1895/96 година, а по препорака од Даме Груев да го заземе неговото место во Радовишкиот комитет, учителствувал во Радовиш, каде што го предводел околискиот револуционерен комитет во овој град, а потоа извесен период учителствал и во Крушево.

Во август 1897 година заедно со селската милиција од село Дедино (Радовишко) начекуваат во заседа тројца турски колџии (даночници) за тутун, од кои двајца се убиени, додека третиот се спасува, по што настапуваат масовни апсења (Радовишка афера) во Дедино и околните села.
Уапсени се 120 луѓе, од кои 28 од скопскиот суд се осудени од 3 до 101 година затвор, а шест од уапсените умираат во затворот Куршумли-ан пред да им се суди.

По Виничката афера, со цел да се отстранат нејзините последици и потребата од поразвиен борбен механизам, способен да се спротистави на бројните непријатели на македонското ослободително дело, бил создаден Четничкиот институт.
Во април 1898 година, за таа цел, Гоце Делчев испратил во Македонија три воружени групи, т.н. летечки илегални групи, на чело со проверени поранешни легални раководители на Организацијата. Ефрем Чучков бил определен за Малешевско, Тодор Станков за Радовишко и Стојан Георгиев за Струмичко.

Тодор Станков станува нелегален војвода на чета во Радовишко кон која подоцна се приклучуваат Васил Липовиклијата – Јурукот и Георги Турчето.
На 12 јуни истата година, по претходно извршена задача се засолнил во Конечкиот манастир, каде што бил предаден на турските власти. Иако бил подложен на тешки измачувања, не предал никакви тајни на Ораганизацијата.
По апсењето бил осуден на 6 години затвор, но е ослободен по грешка. Пребегал во Бугарија, каде што од 1900 до 1901 година бил пограничен пунктов началник на Организацијата во Ќустендил а истовремено работи и како администратор е на весникот „Вечерна пошта“
Учествувал во Илинденското востание со четата на Лазар Маџаров, која дејствувала во Лозенградско (Килкларели, Турција).

По избувнувањето на Балканските војни, како доброволец се приклучува во Деветата велешка дружина при Македонско-одринското ополчение. Награден бил со народен орден со круна VI степен.

За време на Првата светска војна бил градоначалник на градот Штип.

Починал 1938 година во Софија.
_____________________________________________________________________

1903 година
Совет на одринските војводи:
Тодор Станков (Долу, прв од лево), Цено Куртев, Иван Варналијата, Лазо Лазов, Крсто Блгаријата, непознат, Михаил Герџиков, Христо Силјанов, Константин Калканџиев, Петар Чолаков, Георги Минков, Коста Љутиј (Тенишев), Стојан Петров, непознат, Димитар Ташев, Христо Арнаудов, Димитар Дичев и капетан Стамат Икономов

Нема Коментари

Коментирај