Сезона 1952/53 година... Од претставата „Сомнително лице“... Рампо Конески и Кирил Жежоски... Спомен од колегите на 1 мај 1956 година - Кирил Жежоски

Рампо Конески

Рампо Конески (Прилеп, 1916-1988)

Рампо е прв директор на Народниот театар во Прилеп. Пред тоа, како работник во тогашниот Монопол (сегашен Тутунски комбинат), беше мошне активен во Драмската секција на Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, што работеше во составот на Монополот, а чиј аматерски драмски состав послужи како основа за создавање на прилепската професионална драмска сцена во 1950 година.

Големата приврзаност кон драмскиот аматеризам (тој учествуваше во подготвувањето на сите триесетина драмски аматерски претстави на спомнатото друштво) беше, секако, одлучувачки фактор и причина исцело да и се посвети на театарската уметност. Хроничарите ќе остават податок дека во текот на 20 годишното настапување во театарот во својот роден град играл во повеќе од сто премиерни изведби, односно во 1500 претстави! Голем е бројот на ролји, со кои се наметна со своето несомнено талентирано присуство, со својата убава сценска појава и глас, со својот сериозен и студиозен однос кон работата. Би ги издвоиле неговите улоги во „Бегалка“ и во „Чорбаџи Теодос“ од Васиљ Иљоски (Хаџи Трајко и насловната ролја), потоа во Нушиќевите комедии „Ужалена фамилија“ (Агатон) и „Сомнително лице“ (Жика), како и во „Женидба“ од Гогољ (Паткаљосин), во „Зона Замфирова“ од Стеван Сремац (Мане), во „Коштана“ од Борислав Станковиќ (Аџијата), во „Без вина виновни“ од Островски (Муров) и особено во пиесата „Светилник“ од Перо Будак, како Мате.

Иако извесно врме се занимаваше со организација, како управник, а повремено и режираше, сепак, основна вокација и преокупација на Рампо Конески беше и остана актерската креација, од која не се делеше ниту миг.

На почетокот на 1970 година, со настап во пиесата „Од главата си патиме“ од патронот на неговиот матичен театар и на Театарските игри во Прилеп – Војдан Чернодрински, а во рамките на 20 годишниот јубилеј на неговата матична сцена – Народниот театар „Војдан Чернодрински“, Рампо Конески одбележа две децении професионална актерска дејност, што беше најава за неговото скорешно заминување во пензија. Играше и во специјално подготвената претстава за оваа прослава на прилепскиот театарски колектив – пиесата „Македонска крвава свадба“ и во претставата „Робот и агата“, изведена, исто така, во чест на јубилејот на театарот од градот под Марковите кули.

Сочноста на питомата, широко разлеана и по малку романтично обоена интерпретација на Рампо Конески се искажа и во низа други сценски проекти. Негова девиза беше да биде секогаш максимално природен во играта, да ја обезбедува постојано нужната спонтаност и веродостојност и т.н. Во секој проект влегуваше целосно подготвен со творечки замав, голема љубов, со стремеж да постигне што поголема повеќеслојност во своите интерпретации.

Еден од основоположниците на прилепскиот Народен театар, Рампо Конески, впрочем како и најголемиот број негови колеги кои учествуваа во ставањето темели на професионализацијата на театарот во Прилеп, едноставно знаеше само за работа, изнаоѓајќи време и да игра и да режира и да го раководи театарот. Беше упорен во совладувањето на најсложените задачи и со својот пшрофесионален однос во работата, со залагањето и педантноста служеше за пример на помладите. Тој, на пример, не отсуствувал од ниту една проба или претстава. Тешката болест по пензионирањето го спречи од она што најмногу го сакаше во животот – театарот, па затоа не можеше да се вклучи во неговиот репертоар, да и помогне со своето огромно искуство на својата матична сцена.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc