Нада Стефановска

Нада Стефановска

Нада Стефановска (Битола, 1927 – Скопје, 1984)

Македонската Мира Ступица

Овој епитет на македонската актерка Нада Стефаноска, која својата актерска кариера ја започна многу рано во Народното позориште во Крагуевац, а ја продолжи во битолскиот Народен театар, го заслужи со голем број остварувања реализирани како членка на Народниот театар во Прилеп, а најмногу со својата јубилејна 100-та улога – ролјата на Петруњела во Држиќевиот „Дундо Марое“.

Токму споменатата блескава актерска партија со право се смета за нејзина лебедова песна! Неа ја „испеаја“ на сцената во градот под Марковите кули, на која настапуваше шест сезони (1955-1961). Овој период од нејзината актерска кариера се карактеризира со најзрела фаза, за „златна доба“. Со други зборови речено, периодот поминат на работа во Народнуиот театар во Прилеп, иако не толку долг, но многу плоден и продуктивен, беше вистинско време на вистинско актерско созревање на Нада Стефаноска, но истовремено и на ансамблот на прилепската професионална драмска сцена.

Големата конкуренција што постоеше во театарот во Прилеп, со креативното присуство и на такви осведочени актерски персоналности, како што беа: Никола Автоски, Мирко Стефаноски, Нада и Димче Гешоски, Кирил Жежоски, Тома Видов, Кирил Ќортошев, Јосиф јосифоски, Петар Велјаноски, Живка Георгиевска (да ги спомнеме само нив) беше голем поттик и мотивација за Нада Стефаноска од претстава во претстава се повеќе да го разгранува својот раскошен талент и да реализира ролји од високо антологиско значење. Од таков ранг беа ролјите на Тоанета и Дорина во Молиеровите комедии „Вообразен болен“ и „Тартиф“, насловната улога во „Александра“ од Томе Арсовски, веќе спомената Петруњела во „Дундо Марое“, Живка во „Госпоѓа министерка“ од Б. Нушиќ и др.

Сочно и темпераментно, Нада Стефаноска играше и во низа други познати дела од домашната и странската драматургија, како што се пиесите: „Без вина виновни“ од Островски, „Коштана“ од Борислав Станковиќ, „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, „Вујко Ваша“ од Чехов, „За глувците и луѓето“ од Штајнбек, „Заеднички стан“ од Добричанин и многу други. Со врелината на својот нескротлив сценски темперамент, со изворната емоционалност, со нездржливите ерупции од страсти, со спектралната креативна моќ (за неа не постоеше одреден фах на играње), Нада Стефаноска импонираше во најголемиот број сценски реализации, особено кога играше со полна инспирација.

По преселувањето во Скопје, извесно време (пет години) помина на работа како член на Драмското студио на Радио Скопје. Нештедењето, исцрпеноста од неуморната работа, преголемата предаденост во работата го направија своето. Цената на преголемата љубов и приврзаноста за својата професија мораше скапо да ја плати со најценетото нешто – здравјето. Без сцената, од која беше оддалечена подолго време, Стефаноска небаре цело време како да беше и физички болна. Но, и без неа, се до последниот здив на животот, се до трагичната смрт, театарот го носеше длабоко во себе како своја најголема интима, како мечта а својот најубав, најголем театарски сон го одсонува на штиците на прилепскиот театар.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc