Миле Попоски

Миле Попоски

Миле Попоски (Прилеп, 20 октомври 1922 – Скопје, 27 октомври 2009) бил македонски драмски писател, сценарист, преведувач, прозаист и комедиограф.

Попоски е роден во Прилеп на 20 октомври 1922 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје, а извесен период работел како средношколски професор и како уредник во РТВ Скопје. Бил член на писателската асоцијација од 1965 година.

За своето творештво наградуван е со бројни награди и признанија. Добитник е на највисоката награда на Југословенскиот фестивал за хумор и сатира во Будва, наградата „Војдан Чернордински“ во Прилеп и „Гран при“ за особен интерес во развојот македонската хумористично-сатирична литература на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“.

Од 1960 година работел во НИП „Нова Македонија” како уредник на хумористичната страна на весникот. Работел и во Радио Скопје како уредник, а потоа, до своето пензионирање, како одговорен уредник на секторот за образование и наука во Телевизија Скопје. Поради острицата на неговото хумористично-сатирично перо, во 1961 година бил преместен на работа од Скопје во Белград, но се вратил и бил ценет, сакан, почитуван во својата средина.

Му било овоз­можено да патува во Париз, да престојува во Њујорк, Вашингтон, Лондон, Букурешт, Будимпешта и во други места. Добитник е и на наградата за животно дело на фестивалот Војдан Чернодрински за 2006 година.

Починал во Скопје по кусо боледување на 27 октомври 2009 година.

Миле Попоски е автор на богат прозен и драмски опус во кој доминира комедиографскиот жанр. Најпознати се неговите комедии „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“ и „Жени со искуство“. Автор е и на низа збирки со хумористични раскази меѓу кои се вбројуваат: „Маратонска битка“ и „Сите Божји заповеди“.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc