Методија Петкоски

Методија Петкоски

Методија Петкоски (Прилеп, 1933-1976)

Единствен школуван актер на Народниот театар во Прилеп во тоа време. Член на театарот во неговиот роден град станал во 1953 година, односно, непосредно по завршувањето на Средната државна театарска школа во Скопје.

Започнувајќи ја актерската кариера во 50-те години, ја имаше среќата и задоволството да работи со повеќемина истакнати македонски драмски уметници (Нада и Димче Гешоски, Нада и Мирко Стефаноски, Љубиша Трајкоски, Тома Видов, Кирил Жежоски и многу други), кои ги пишуваа можеби најубавите страници, не само на прилепскиот, туку и на македонскиот театар, воопшто. Но, среќата не му беше наклонета да се задржи на својата матична сцена подолг период. Кога неговиот актерски талент доби вистински замав, беше прекината врвицата на неговиот животен пат – загина во сообраќајна несреќа, оставајќи зад себе одвај дваесетина години континуирана дејност на сцената.

Последна ролја на Петкоски беше улогата на Капетанот во драматизацијата на романот „Црноборје“ од Петар Ширилов (драматизација: Спасе Нелов, режија: Ацо Алексов), со која се подготвуваше да настапи на XI театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. До настапот не дојде, зашто две седмици пред тоа замина засекогаш од драмската сцена и од сцената на животот.

Еден од најдобрите актери на прилепскиот театар – Методија Петкоски, во текот на две децении континуирано настапување одигра близу 100 ролји. Беше најсуверен кога креираше ликови во дела од комедиографски жанр, што не значи дека и во пиеси од другите жанрови не покажуваше резултати вредни за почит. Скоро и да не постои комедија од големиот српски комедиограф Бранислав Нушиќ во која не играше Методија Петкоски. Како интерпретатор на поголем број остварувања од комичниот фах, се залагаше за што појасен, почист сценски говор, лишен од патетични тонови и исфорсирана динамика, така што во скоро максимална мера го имаше совладано сложениот речник на комиката. Неговиот благ и питом, а згора на тоа и содржаен хумор, лишен од натрапничкото, вештачкото, рутинското, како да најде посебен одраз во комедиите „Дундо Марое“ од Држиќ (Сади), „Хамлет во Долно Гаштани“ од И. Брешан (Шапурина), насловните ролји во „Добриот војник Швејк“ од Хашек и во „Итроман Пејо“ од Б. Алексоски, „Женидба“ од Гогољ (Кочкарјов), „Ивкова слава“ од С. Сремац (Ивко) и др.

Како актер со една посебна физиономија, благодарение на гипката игра и сценската подвижност, Петкоски создаде богата галерија животворни, колоритни и оригинални типови и во таканаречениот сериозен репертоар, како што се остварувањата во „Црнила“ од К. Чашуле (Фезлиев), „Нора“ од Ибзен (Крогстад), потоа во „Шума“ од Островски, „Луѓе во пештерата“ од Саројан, „Резервист“ од Ривемал и др.

Повремено и доста поретко, како резултат на императивите на времето, односно недостигот на режисерски кадар, поради што своевремено за поставување пиеси се ангажираа најистакнатите актери, Методија Петкоски се занимаваше и со режисерската дејност. Иако овој сегмент од неговата преокупација не беше негова основна преокупација како глумата, на пример, сепак, и во овој домен на творештвото реализира неколку наслови, од кои некои од нив не „паѓаа многу подолу од некои други што како гости ги поставуваа на прилепската сцена професионални режисери“. Покрај другите, ќе ги споменеме неговите постановки на комедиите „Политичко венчавање“ од Фадил Хаџиќ, „Фабрика за прелом“ од малку познатиот романски писател Штефан Хараламб.

Значајно е да се истакне и следново: актерското интересирање на Петкоски не беше ограничено, поради што своите интерпретации не ги сметаше за секогаш завршени. Тие од изведба во изведба се дополнуваа, се збогатуваа, се обновуваа. Методија Петкоски беше добитник на неколку признанија.

1 коментар

  • risto kostov July 28, 2012

    velikan na makedonskata i prilepskata teatarska scena.
    Kolku mi e poznato ne postoe vo prilep negova bista. Ako e taka, predlagam da se postavi bista na Metodija Petkoski pred teatar ili fo foaeto na teatarot “Vojdan Černodrinski” vo Prilep.
    So počit.
    Risto Kostov,
    novinar – publicist /Prilep – Belgrad/

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc