Кирил Ристоски

Кирил Ристоски

Кирил Ристоски е роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал на одделот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје (1977).

По дипломирањето, работел во Народниот театар „Војдан Чернодрински” во Прилеп, а од 1978 година станал дел и од ансамблот на Македонски народен театар. Во 1982 година ја започнал својата педагошка дејност на Факултетот за драмски уметности, во 1988 година бил избран за доцент и преминал на ФДУ во редовен работен однос. Во 1993 година бил избран за вонреден професор, а од 1998 година се до неговата смрт бил редовен професор.

Во малку повеќе од една година како декан на ФДУ, во исклучително тешки економски услови, успеал да го динамизира факултетот и со отварање на Мастер студиите во седум области од изведувачката и филмската сфера, на кои се запишале рекорден број студенти

Во својата 27-годишна педагошка дејност, под негово менторство се школувале голем број денес еминентни актери, кои со успех го водат репертоарот скоро во сите театри во Македонија. Во два мандата бил член на Сенатот на УКИМ, како претставник од Факултетот за драмски уметности.

Во својата 35-годишна актерска дејност Кирил Ристоски остварил над 80 ролји од светската и домашната драматургија, скоро во сите театри во Македонија.

Позначајни ролји: Актерот (во „Мангите пијат чај“), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар“), Киро и Евто (во „Лет во место“), Бота (во „Среќна нова 49“), Тартиф (во „Тартиф“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), Спиро Црне (во „Спиро Црне“), Колобан (во „Колобан“), Просперо (во „Бура“), Иванов (во „Иванов“), Арсениј (во „Арсениј“), Спиро Црне (во „Летни Силјане“), Пичем (во „Просјачка опера“), Полковникот (во „Полковникот Птица“), Клавдиј ( во „Хамлет“), Генералот (во „Четвртата сестра“), Рос (во „Која е Силвија“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), (С.Т.Верховенски во „Бесови“) и други.

Снимил над 20 ТВ драми, ТВ филмови и ТВ серии. Богат е и неговиот филмски опус. Позначајни му се улогите во филмовите: „Пред дождот“, „Црвениот коњ”, „Јазол”, „Тетовирање“, „Тајната книга“ и други. Снимил над двесте радио драми.

Десет години беше прв човек на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Добитник е на повеќе награди и признанија за актерски остварувања на македонските фестивали и театарски игри, на наградата „Ристо Шишков“, на наградата на град Скопје „13 Ноември“, Награда на град Прилеп за животно дело.

Пред смртта ја имаше својата последна премиера во претставата „Бесови“ на режисерот Златко Славенски на сцената на МНТ.

Својата последна премиера ја одигра доаѓајќи од болница на сцена. Беше омилен меѓу своите колеги и други соработници, а неговите студенти го обожуваа.

По кусо боледување почина на 30 јуни 2011 година во Скопје.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc