Ева Глишиќ...

Ева Глишиќ

Ева Глишиќ (Прилеп, 1947 – Белград, 1997)

Повеќе од една деценија Ева беше членка на театарот во својот град, во кој дебитираше, односно го доби својот прв ангажман како професионална актерка. Тоа се случи во 1969 година, играјќи најчесто во дела од комедиографски жанр, но не изостанувајќи многу ни во остварувања работени на текстови од светската драмска класика и современата домашна и странска драматургија.

За позначајни дострели се сметаат нејзините ролји остварени во „Бегалка“ од Васил Иљоски (Донка), потоа во „Деца на Сонцето“ од Максим Горки, во „Домот на Бернарда Алба“ од Лорка, во „Ветрот во гранките на Сасафра“ од Гилрој, во драмата „Да се спаси надежта“ од Роблес, во Нушиќевата комедија „Протекција“ и др.

Беше една од актерките, која во секој проект го вложуваше максимумот, која се залагаше за колективна игра, која можеби не блескаше во некои капитални ролји, но беше мошне дисциплинирана, упорна и прецизна во работата. Поради семејни причини кариерата ја продолжи во Народниот театар во Куманово, но набрзо по распаѓањето на Југословенската федерација се пресели да живее во Белград, престанувајќи да се занимава со глума. Кратко време потоа тешко се разболе и почина.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc