Димитар Станкоски

Димитар Станкоски

Димитар Станкоски е роден на 11 октомври 1946 година во Прилеп.

Дипломирал на Театарската академија во Софија (1970). По завршувањето на Театарската академија во Софија во 1970 година, бил вработен како актер во Драмскиот театар во Скопје, а во периодот 1999-2001 бил негов директор, и повторно именуван како в.д. директор (2003-2004).

Како режисер дебитирал на матичната сцена со комедијата „Нажалена фамилија“ од Бранислав Нушиќ, со која учествувал на Стериино позорје во Нови Сад во 1971 година. Во истата година, на малата сцена ја режирал камерната драма „Болен Дојчин“ од Георги Сталев, која по неколку месеци доживеала голем успех на фестивалот на малите и експериментални сцени во Сараево.

Посветувајќи се целосно на режијата, Станкоски имаше посебен афинитет кон комедиографскиот жанр, но и кон драмските текстови од современата македонска и светска драматургија. Од над 110 режирани претстави барем шест се играни по околу 150 пати – „Косанчиќев венец“, „Нажалена фамилија“, „Женски оркестар“, „Чија си“, „Грев или шприцер“, „Вагинални монолози“, што е преседан во театарот во Македонија.

Последните неколку години ги создаде „Три сестри“ во Драмскиот театар, „Небо без рамка“ во Детскиот театарски центар, „Последниот маж, последната жена“ на продукцијата „Планета“, „Позитивно мислење“ на Универзална сала, „Мушичка“ и „Адска машина“ во Куманово, „Татко“ во Прилепскиот театар, „Оркестар Титаник“ во Македонскиот народен театар.

Имаше епизодна улога и во филмот „Балканкан“ на Дарко Митревски.

Селективна театрографија: Болен Дојчин (1971); Суд (1979); Тартиф (1981); За тебе моја Долорес (1981); Ноќ спроти Водици (1986); Сара Бернар (1986); Добра ноќ, мајко (1987); Шуаби ап (1989); Професионалец (1990); Женски оркестар (1990); Нажалена фамилија (1991); Рибарски караници (1992); Терористи (1994); Ревизор (1994); Вујко Вања (1997); Соната во А-мол (1997); Сердарот (1998); Платонов (1999); Елешник (2000); Вагинални монолози (2001); Црни куклички (2001); Грев или шприцер (2003); Позитивно мислење (2004); Три сестри (2004).

Награди: Награда за најдобра претстава на Театарскиот фестивал Јоаким Вуиќ, за претставата Трите високи жени (1978); Награда на град Скопје 13 Ноември (1979); Награда на град Скопје 13 Ноември за долгогодишно остварување во областа на културата и уметноста (1997); Награда 11 Октомври (1999).

Почина во Скопје на 03 јануари 2007.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc