Блаже Алексоски како Теодос во „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски

Блаже Алексоски

Блаже Алексоски е роден 1933 година во Прилеп.
Својата кариера ја започнал прво како ученик во драмската секција. Тој бил еден од основачите на театарот во кој се вработил 1953 година и го дал својот придонес сé до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги: Луков во Чашулевата „Црнила“ Омер во „Робот и агата“ од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај“ а останал запаметен по улогата во преставата „Татко“ од Стринберг.

Во својата кариера остварил и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на Бегалка, Печалбари, Антица…
За своите актерски реализации Алексоски е добитник на голем број признанија на МТФ „Војдан Чернодрински“ како и на наградата за животно дело на овој фестивал.
За неговиот придонес за театарот добитник е на признание од Советот на општина Прилеп.

Покрај глумата Блаже Алексоски се занимавал со литература, драматургија, проза, историски хроники. Алексоски беше еден од ретките хроничари на Прилеп.
Како драматичар дебитираше со пиесата „Итроман Пејо“, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и „Колобан“ по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата „Аџи Христо Логотет“, „Тале Мелезот“, романот „Ах“, „Прилепските прекари“, а остави зад себе и необјавени творби.

Ќе остане запаметен дека драмската сцена ја исполнуваше со фини и непосредни тонови, со една специфична мекост и непосредност, со многу топлина и шарм, оставајќи впечаток пред се со чистата и лична дикција, со природната и доживеана игра, со изостреното чувство на вајање на деталот.
Почина на 22 декември 2015 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc