Манастир „Свето Преображение“, село Зрзе
На околу 25 км. западно од Прилеп, на една рамнина обиколена со дабова шума, лежи манастирот „Свето Преображение“ – Зрзе.
Овој манастирски комплекс го чинат храмот посветен на „Свето Преображение“, храмот „Свети Петар и Павле“ (изграден подоцна во XVII век), кулата на камбанаријата, монашките конаци, економски и други помошни згради.
Остатоците од некогашните градби укажуваат дека овој простор бил многу поголем во минатото и содржел низа други стамбени и економски згради. Целиот тој простор бил обѕидан во еден фортификациски систем на високи и масивни ѕидини и одбрамбени кули за коишто денес зборуваат сочуваните остатоци.
Најверојатно, манастирот Зрзе бил изграден некаде во XIV век од монахот по име Герман, за време на владеењето на цар Душан. За ова и за подоцнежната судбина на манастирот од неговото настанување и во годините на продирањето на турскиот аскер на овие простори, сведочи натписот, поместен на надворешниот ѕид на јужниот влез од црквата.
Храмот „Свето Преображение“ претставува еднокорабна црква засводена со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида. Се до ѕидањето на припратата, во втората половина на XIV век, постоел влез на јужната и на западната страна и истиот бил соѕидан. Припратата истовремено била и живописана. Од нив, делумно се сочувани фрески од кои најмногу се наоѓаат во првата зона. Врз нив се извршени потребните конзервации. Така, на јужниот, западниот и северниот ѕид се откриени претстави на светии во медалјони, како и поголем број на композиции со различни илустрации.
Фрескописот во наосот му припаѓа на периодот од XVI век. Оттогаш датираат фреските во горните зони, каде се среќаваат слики од животот на Исус Христос. Меѓу нив највпечатливи се композициите: Рождество Христово, Сретение и др.
Живописот од XIX век е со послаб квалитет. Од него се изделува со прозрачна убавина портретот на овчарот облечен во народна носија. Оттука произлегло популарното име на оваа црква од тоа време – „овчарска црква“. За портретот на овчарот постои една легенда, којашто раскажува за храброста и за трагичната судбина на едно момче-овчарче, кое застанувајЌи да им се спротивстави на заканите на арнаутите дека ќе го опустошат и уништат овој Божји храм, загинало на самото место. Поради тоа, во негова чест била изработена оваа фреска.
Црквата не била поштедена од турските грабежи и пустошења. Како резултат на тоа, значителен дел од црковниот имот исчезнал засекогаш. Сепак, не било се загубено. Манастирот во Зрзе, како да е роден под среќна ѕвезда, успеал да се спротивстави на сите оние лоши, разурнувачки духови што го следеле низ вековите на неговото постоење.
На манастирското ѕвоно постои натпис: „Сие звоно приложено цркви Зерзанској в окружие Прилепском храма св. Преображенију… Господином ктитори ереи Христофор и Костантин Ђеорђевић жител Зерзески. У Новом Саду, 1837. Салио… Георгие Јосиф Петровић“.
Своевремено, манастирот го поседувал овој имот: Корија во планините Баба и Краста; Една воденица на селската река; Лозја во околината на селото, од кои манастирот берел 50-60 товари грозје; Чифлик во селото со две куќи чифчии и 200 „слогови“ (стодневна земја ораница) за два плуга; Во селото Маргари има земја за еден плуг; Во селата Зрзе и Маргари има по една ливада, на Зрзеската се косат 80-100 коли со сено, а на Маргарската 20-30. Манастирот во Зрзе произведувал и тутун, но Турците и Арнаутите ги присвоиле правото за садење на тутун, зашто го криумчареле и не го продавале по ниски цени на откупувачите.
Денес манастирот „Свето Преображение“ – Зрзе е епископско седиште на епископот Хераклејски Климент.
Коментирај