Црква „Свети Петар и Павле“ во Варош
Во источниот дел од населбата Варош се наоѓа црквата „Свети Петар и Павле“. Не се сочувани никакви историски податоци, ниту натписи за времето кога е подигната и живописана.
Црквата е градена со скромни димензии и има облик на еднокорабна градба со нагласена височина. Засведена е со полуобичест свод. Апсидата е полукружна однадвор и оди до висината на корнизот од самата црква. По својата архитектурна концепција и изразеност, има тежнеење на поголема полихромираност на фасадите.
Градена е од камен и цигла. Во ѕидовите на црквата вградени се антички споменици и керамички украси. На црквата се изведени преправки, кои најдобро се забележуваат на јужниот ѕид, кој во поголем дел е реставриран и на сводот. Внатрешноста на црквата украсена е со фрески во четири зони. Сочувани се остатоци на фрески на западниот и северниот ѕид. Од композициите подобро се сочувани: „Патот на Голгота“, „Христовото оплакување“ на северниот и „Успението Богородично“ на западниот ѕид.
Фрескоживописот потекнува од XIV век.
Коментирај