Живописот на северниот ѕид во наосот...

Манастир „Свети Никола“, село Слепче – Фрескоживопис

Манастир „Свети Никола“, село Слепче – Фрескоживопис

Црквата „Свети Никола“ е мала, еднокорабна, типичен пример на црква од XVII век во Македонија. Фасадите се без декорации, покриена на две води, со мали отвори на источната и јужната страна и со единствен влез на западната страна. Внатрешните ѕидови на црквата се покриени со фрескоживопис во 1674 година, а најверојатно зографите на фреските се самите ктитори, игуменот на манастирот, еромонахот Сергиј и неговиот ученик еромонахот Михаил.

Јужно од влезот во црквата, во прва зона се насликани двата ктиторски портрета, кои го држат моделот на црквата и пригоден текст, во кој се спомнува годината на изградбата и осликувањето на црквата како и имињата на ктиторите Сергиј и Михаил. Живописот во црквата е поделен на три зони и еден фриз во наосот и повеќе фигури и други илустрации во олтарниот простор. Во првата зона на наосот, на јужниот ѕид, значајно место зазема патронот на црквата, свети Никола, претставен како седи на архиерејски стол. Пандан на оваа фреска на северниот ѕид е прикажан „Деисиз“ каде Господ Исус Христос седи на трон, а лево и десно од него се Пресвета Богородица и свети Јован Претеча. Првата зона ја исполнуваат мноштво фигури во цел раст; светите војници, испосници и маченици, двата архангела и народните лекари-врачари светите Кузман и Дамјан, како и цар Константин и царица Елена. Сцените и композициите на Богородичниот акатист претставени се на јужниот и северниот ѕид од втората зона. Зографите насликале 23 сцени од вкупно 25 строфи што ги содржи Акатистот, односно поделени се на 12 икоси и 11 кондаци. Изоставени се Благовештението второ и Опсадата на Цариград. Христовите маки како циклус илустрирани се во третата зона на јужниот и северниот ѕид – Христос пред Пилат, Исмејување Христово, Носење на крстот, Качување на крстот, па се до Воскресение Христово и Неверството Томино, кои завршуваат во олтарниот простор. Големите празници и претходниот циклус почнуваат од олтарниот простор на јужниот ѕид во четвртата зона и завршуваат на северниот ѕид. Илустрациите започнуваат со композицијата Рождество Христово и завршуваат со Воскресение Христово на северниот ѕид во олтарниот простор на четвртата зона. Олтарниот дел го исполнуваат светите архиереи на Божествената литургија, Богородица Ширшаја, Причествувањето на апостолите и светите архиѓакони, а во Проскомидијата е претставен Христос мртов.

Нема Коментари

Коментирај