Икона на Свети Јован Крстител - кефалофорит од манастирот Трескавец

Свети Јован Крстител

Свети Јован Крстител (Хебрејски: יוחנן המטביל, Арапски: يحيى или يوحنا المعمدان, Грчки: Ιωάννης ο Βαπτιστής) бил пророк, кој се родил шест месеци пред Христос и наречен е Претеча поради неговата објава на веста за доаѓањето на Месијата.

Свети Јован Крстител бил братучед на Исус Христос и е човекот којшто го крстил Христос во реката Јордан. Со оглед дека оваа главна улога на свети Јован се остварила на денот на Богојавление (19 јануари), древната Црква денот по Богојавление го посветила на неговиот спомен. Во исламот е познат како пророк Јахја ибн Закарија, а Медејците пак го сметаат за единствен и вистински месија.

Раѓањето и службата на светиот Христов Претеча ги претскажале пророците Исаиј и Малахиј, како и самиот архангел Гаврил. Јовановото рождество детално го изложил апостол Лука во своето евангелие. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот, Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време Захариј со својата жена Елисавета, сеуште немале деца, што во тоа време се сметало за Божја казна и голема несреќа бидејќи биле во доста возрасни. Според преданието, и двајцата постојано го молеле Господ да им даде рожба.

Бог ја слушнал нивната молитва, и кога Захариј во храмот се молел на Бога, го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. Кога се родил синот, според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името, тој рекол да се вика Јован и раскажал дека детето ќе биде пророк, што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.

Во младоста свети Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години, ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Според евангелистот Лука, Јован ја започнал својата проповед во 15 година од царувањето на Тибериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа. Првичното место на служба му била Јорданската пустина, а потоа Јорданскиот брег.

Во тоа време Исус се подготвувал за својата мисија. Но, според тогашните закони учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус кога наполнил 30 години дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован, кој дотогаш не го имал видено, според Евангелието, веднаш се сетил дека Он е Спасителот и на почетокот го одвраќал велејќи му: „Јас треба од тебе да бидат крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“

На овие зборови Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тој бил синот на стариот Ирод, оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос.

Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но, тој ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип, кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, поради што Јован жестоко го критикувал.

Особено лута и осветољубива била Иродијада. Таа чекала прилика да му се одмазди. Еднаш, кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада која што со својата игра толку го занесла Ирода, што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде сè што ќе посака дури и да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка, која долго го чекала овој час, веднаш и рекла да ја побара главата на Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни.

За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на свети Јован која ја предала на својата мајка. Според преданието, телото на Јован го зеле неговите ученици и го погребале, а главата ја зела Иродијада, која ја закопала во дворецот на Ирод, плашејќи се наводно да не може да воскресне Јован.

Евангелистот Лука, кој посакал да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк бил убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на свети Лука, успеал да ја пренесе само едната рака на свети Јован, којашто во Антиохија била чувана до Х век. Потоа била пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезнала оттаму.

Според преданието, во следните години, некој богат човек се замонашил во Елеонорската гора, па по неколку години сакал да прави своја келија на местото во дворецот. По започнување на ископувањата, тој ја пронашол главата на свети Јован. За раката на светителот се раскажува дека, секоја година на денот на неговиот спомен, Антиохискиот епископ ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.

Моштите на сети Јован Крстител се наоѓаат на неколку места низ светот, и тоа:
- Црквата во чест на Свети Димитриј во Пиреја:
- Музејот Бенаки во Атина;
- Собата со свети мошти, Музејот Топкапи, Цариград (целата десна рака);
- Џамијата Умајад во Дамаск, Сирија;
- Манастирот Цетиње во Црна Гора (десната дланка);
- Бигорскиот манастир во чест на Свети Јован Крстител, Македонија (дел од дланка);
- Созопол во Бугарија: делови од рака, од лице и заб.

Празникот во чест на свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува 20 јануари по македонскиот православен црковен календар.

Во оваа галерија презентирани се икони во чест на свети Јован Крстител, насликани од прилепските зографи, како и икони од прилепските цркви и манастири низ годините.

Нема Коментари

Коментирај