Отец Пане Матракоски.

Отец Пане Матракоски

Отец Пане Матракоски е роден е на 4 јуни 1912 година во Прилеп во свештеничко семејство, од татко Никола Матракоски и мајка Фанија, која била домаќинка. Неговиот татко Никола Матракоски, кој е роден во 1870 година, а за свештеник ракоположен во 1905 година, во времето кога се родил неговиот син Пане, бил парохиски свештеник на Небреговската парохија. Според семејното стебло, и претците на отец Никола биле свештеници во небреговскиот крај и со години наназад ревносно служеле во Божјото дело.

По завршувањето на основното училиште во Прилеп, во 1929 година се запишал во Богословијата во Битола, која во тоа време имала шестгодишна настава, а младиот Пане, заедно со Ѓорѓија Попоски (подоцна митрополит Дебарско-кичевски Методиј) биле ученици кои матурирале како прва генерација завршени богослови во Богословијата. Токму тука ги имал првите средби со најпознатите теолози од тоа време, како епископот Јован Шангајски, кој подоцна е прогласен за светител од Руската Задгранична Православна Црква и како таков прифатен од сите Православни Цркви во светот, потоа архимандритот Кипријан Керн, кој и денес важи за еден од најпознатите патролози во православниот свет, како и професорот Алексеј Моргуљ, подоцнежен свештеник во Пирава и архиерејски намесник во Гевгелија.

Во 1935 година го завршува школувањето во Богословијата, а набргу потоа, во 1937 година стапува во брак со Љубица Русеска од Прилеп. Истата година прима ѓаконски и свештенички чин и поставен е за парохиски свештеник во црквата „Света Троица“ во селото Клисура, во тогашното Босилеградско архиерејско намесништво на Нишката епархија. Тука останал извесен период и по потреба на служба, во 1941 година е преместен во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, каде останал се до своето пензионирање во 1983 година.

Како докажан и квалитетен свештеник, во 1942 година бил поставен за архиерејски намесник на Прилепското намесништо и на таа функција останал до 1944 година, а во периодот од 1966-1972 година бил и старешина на црквата ,„Свето Благовештение“. Заради своите заслуги, награден е со право на носење на граден крст и произведен во чин протоереј-ставрофор.

Прота Пане ќе остане запаметен како свештеник со голема широкоградост, голем хуманист и човек кој целиот свој живот не го штедел во ширењето и проповедањето на Божјото слово. Неговите извонредни гласовни можности го потврдиле и докажале неговиот свештенички квалитет, а неговите богослужби, во кои до израз доаѓал неговиот ангелски глас, и денес се спомнуваат и прераскажуваат од прилепчани.

Протоереј-ставрофор Пане Матракоски се упокои ноќта на 27 спроти 28 ноември 1990 година. Опелото е извршено во црквата, каде го помина речиси целиот работен век, во сослужение на бројно свештенство, а погребот е извршен на новите градски гробишта во Прилеп, во нивната семејна гробница.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc