Отец Ѓорѓи Дамески

Отец Ѓорѓи Дамески

Отец Ѓорѓи Дамески е еден од вонредно интелектуалните и сестрано образовани свештеници.

Потекнува од занаетчиско семејство, кое својата егзистенција ја обезбедувало преку тешкиот ковачки занает. Неговиот татко Даме Котески бил еден од прочуените мајстори на ковачкиот занает. Отец Ѓорѓи е роден на 7 март 1886 година во Прилеп и уште како мал се соочил со тешкиот и макотрпен занает на својот татко, па започнал да ги цени животните вредности. Иако како дете му помагал на својот татко во занаетот, сепак, наоѓал и одвојувал доволно време да и се посвети на книгата – неговата голема љубов. По завршувањето на основното училиште во Прилеп, се запишал во гимназиско училиште, каде што завршил три класа, а потоа продолжил на егзархискиот свештенички курс, кој во тоа време се изучувал во Скопје, за на крајот да го дооформи своето свештеничко образование со запишување во Српската кралска православна богословија во Призрен – отсек учителска школа, и истата ја завршил со одличен успех во учебната 1914/15 година.

Интересно е да се спомене дека, додека го изучувал егзархискиот курс во Скопје, бил прогласен за најдобар ученик на генерацијата, за што добил пофалница лично од тогашниот Скопски митрополит Синесиј, како и од ректорот на училиштето, архимандритот Протасиј. По враќањето од Призрен се вработил како учител, но желбата за служење на Бога, како и неговиот талант, кој не можел да се сокрие од црковните власти, во него поттикнале желба за примање на чин во Црквата.

На 19 јули 1909 година стапил во брак со Рајна Боцеска од Прилеп, која во тоа време исто така имала завршено учителска школа и била просветен работник во Костурско.

На 14 март 1920 година од тогашниот епископ Велешко-дебарски Варнава бил ракоположен во ѓаконски чин во црквата „Свети Димитриј“ во Битола, а само по една седмица, од истиот епископ (21.03.1920), во црквата „Света Недела“ во Битола бил ракоположен за свештеник и веднаш поставен за парох при црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

Како парохиски свештеник се покажал ревносен во извршувањето на богослужбите и парохиските должности, но ќе остане и запаметен како човек кој не можел да поднесува неправди и лицемерие. Заради таа негова одлика честопати бил повикуван на црковен суд да ги оправдува своите постапки. Доколку забележел кај некои од своите собраќа дека ја поддржуваат бугарската или српската кауза, веднаш влегувал во одбрана на македонштината, притоа постојано потсетувајќи ги нив дека, пред се, се свештеници кои се должни да служат на народот, а не на политичките идеали. Заради неговата искреност и нелицемерност особено бил почитуван не само од младите свештеници, туку и од постарите, кои имале многу нешто да научат од него, зашто интелектуално се одвојувал од нив.

Во 1936 година длабоко бил потресен од загубата на својот единец син, кој во тоа време студирал медицина и бил голема надеж на семејството Дамески. Меѓутоа, отец Ѓорѓи се помирил со Божјата волја и трпеливо го продолжил својот животен пат понатаму.
Заради своите заслуги во извршувањето на Божјата служба, на Светол понеделник, на 16 април 1940 година во црквата „Свето Благовештение“ од епископот Охридско-битолски Платон бил одликуван со право на носење на црвен појас.

Отец Ѓорѓи Дамески мирно го предаде својот дух во Божјите раце во 1946 година. Опелото било извршено во храмот „Свето Благовештение“, а погребот бил извршен на старите градски гробишта. Прекрасно изработениот надгробен споменик, кој и денес е сочуван од забот на времето, останува да сведочи за отецот Ѓорѓи како за еден свештеник-интелектуалец, кој своевремено ги следел сите светски активности, а неговата богата библиотека е доказ повеќе за квалитетите на овој ретко талентиран Божји слуга.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc