Отец Димитрија Попоски

Отец Димитрија Попоски

Отец Димитрија Попоски е роден во селото Стровија – Прилепско, на 23 март 1918 година и потекнува од чесен свештенички род, кој на Христовата Црква и подарил десет поколенија на свештеници. Неговите родители, отец Илија и презвитера Божана, не дозволиле нивното чедо да го напушти традиционалниот свештенички повик, па затоа се погрижиле двајца од синовите да бидат служители на Божјиот олтар. За жал, неговиот постар брат Никола (роден 1911 година) само за кусо време бил свештеник во Бродско, бидејќи починал на 25-годишна возраст во 1936 година. Од семјната лоза се гледа дека свештеници биле и неговиот дедо Димитриј (†1915), прадедото Велко (живеел во XIX век), прапрадедото Никола (†1870), а имињата на нивната свештеничка лоза се сочувани некаде до XV век.

Основно четворогодишно училиште завршил во Стровија, а осмолетката ја довршил во Прилеп. По завршувањето на осмолетката се запишал во средното богословско училиште во Атина, каде што останал четири години. Иако неуморен во изучувањето на богословските науки, сепак, бил принуден да го прекине школувањето поради почетокот на војната, но жедта за богословско усовршување не го напуштила, па со тешки маки, во тие кризни времиња се префрлил во Софиската семинарија, заради дошколување, и истата ја завршил во 1942 година со одлучен успех и примерно поведение.

По враќањето од Софија во родното село Стровија, стапил во брак со својата избраничка Крстана, со која имаат две деца. Веднаш по стапувањето во брак е ракоположен во ѓаконски чин, а набргу потоа во Битола е ракоположен и во свештенички чин и поставен е за парохиски свештеник во Серес, Егејска Македонија. Во 1944 година се вратил во Македонија и бил поставен за парохиски свештеник на Небреговската парохија, во Прилепското архиерејско намесништво. Како примерен и квалитетен свештеник, на 6 април 1959 година е преместен во соборниот храм „Свето Благовештение“, на упразнетата V парохија, каде што останал се до своето пензионирање во 1984 година.

За неговиот примерен и чесен однос кон сите, но и за неговата неуморна активност на Божјата нива, во 1964 година е одликуван со право на носење на граден крст и е произведен во протоереј-ставрофор. По војната веднаш станал и член на тогашното свештеничко здружение.

Протоерејот-ставрофор Димитрија Попоски почина на 25 декември 1988 година. Опелото е извршено во соборниот храм „Свето Благовештение“ од Преспанско-битолскиот митрополит Петар, во сослужение на бројно свештенство од градот и околината.

1 коментар

  • Lamonica Ayuso August 8, 2013

    I simply want to say I am very new to blogs and truly savored you’re page. Almost certainly I’m likely to bookmark your website . You absolutely come with remarkable articles. Thank you for sharing with us your blog site.

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc