Отец Борис Талески

Отец Борис Талески

Отец Борис Талески

Живата енциклопедија на историјата на Прилеп, толкувачот на првите ракописни средновековни книги, неуморниот истражувач на првите печатени книги во градот, антикварот, во чија библиотека можеа да се најдат сите часописи излезени пред и по војната – протоерејот-ставрофор Борис Талески, роден е во 1916 година во патријархално семејство. Воспитан во страв Божји и во чување на прадедовските вредности, уште од мал пројавил љубов кон родната Црква и желба за посветување на Божјиот олтар.

По завршувањето на основното образование, во 1932 година се запишува во Битолската богословија. Образованието го завршува со одличен успех во 1938 година во Призренската богословија. Во тоа време професори во оваа еминентна установа биле прекрасните познавачи на богословската наука: Војислав Батиќ, кој бил и ректор на Богословијата, потоа епископот Симеон, Василије Костиќ, еромонахот Инокентиј и др.

По завршувањето на школувањето, веднаш заминал на отслужување на воениот рок во Бања Лука, каде што и се запознал со неговата животна и верна сопатничка Босилка Антониќ, со која подоцна ќе стапи во брак. Во 1939 година, веднаш по стапувањето во брак и по отслужувањето на воениот рок, се враќа во Прилеп и бил ракоположен во ѓаконски и свештенички чин и најпрво бил поставен на Брезовската парохија во Демирхисарската општина. Бидејќи бил со кревко здравје, уште првата зима тешко се поболил, зашто во парохијата имал премногу пат, кој морал пешки да го изоди. Неговиот дом се наоѓал во селото Брезово, а парохиската канцеларија во селото Зашле, па студената зима го сторила своето со неговото здравје.

По негово барање е преместен да опслужува неколку битолски села, но и тука се соочил со теренски проблеми. Потоа бил преместен на Беловодичката парохија, па по кусо време во селото Стровија, за на крај, во 1940 година, да биде поставен за парохиски свештеник во црквата „Свето Благовештение“ каде што останал до крајот на својот работен век. Во 1944 година бил поставен за секретар на првиот Народноослободителен одбор на град Прилеп.
Во 1952 година го завршува Православниот богословски факултет во белград со просек 8,7.

Протоерејот-ставрофор Борис Талески се пензионирал во 1981 година. Иако во пензионерски денови, неговиот неуморен дух и понатаму продолжи со истражувачки активности. Негово работно место беа манастирските визби и тавани, каде што имаше пронајдено огромен број на вредни и стари работи. По исчезнатите и разурнати дуќани по градот и селата собрал голем број на предмети, кои ги подарил во прилепскиот музеј, а ракописните книги од XIV и XVI век се депонирани во архивата на црквата. Прота Боро беше еден од ретките познавачи на вистинската слика и приликите во стариот Прилеп, неговиот живот, историја, легенди, анегдоти, сведоштва…

Тој беше неисцрпен извор на информации за старите градски семејства, нивните семејни лози, а толкувањето на забелешките од маргините на старите богослужбени книги, за него претставуваше вистинско задоволство. Неговите прилози објавувани во многу стручни часописи и денес на многумина им служат како извор на веродостојни информации.

Протоереј-ставрофор Борис Талески почина во 1993 година. Опелото е извршено во црквата „Свето Благовештение“, која за него беше непресушен извор на истражувачки активности, во присуство на многубројни верници, а во сослужение на сите прилепски свештеници. Погребан е на новите градски гробишта во Прилеп.

2 коментари

  • Aleksandra April 5, 2016

    Imam edna mala zabeleska srednoto uciliste go zapocnal vo Bitola, a go zavrsil vo Prizren 1938 god I zavrsil pravoslaven beogradski fakultet vo 1952 god so prosek 8,7

    Respond
    • PSF April 5, 2016

      Благодариме за информациите

      Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc