Господин Ангелариј како Пелагониски епископ.

Архиепископ Ангелариј

Архиепископ Ангелариј e роден како Цветко Крстески, на 25 март 1911 година во село Долнени во свештеничко семејство, од татко Костадин и мајка Ѕвезда.
Основното образование го завршил во Долнени и во Прилеп. Во 1926 година се запишал на средното богословско училиште „Свети Јован Богослов“ во Битола, каде и завршил во 1931 година.

По завршувањето во 1932 година бил ракоположен во чин ѓакон во црквата „Свети Димитриј“ во Битола. Истата година, во црквата „Света Богородица“ бил ракоположен за свештеник и по тој чин го поставиле за парох во селото Гари во Дебарско, каде бил до 1937 година.
Потоа, во периодот од 1937 до 1961 година, бил парохиски свештеник во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп и архиерејски намесник на Прилепското архиерејско намесништво.

За време на Втората светска војна, архиепископот Ангелариј бил учесник во НОБ. Во 1942 година загинува неговиот брат Пецо Крстески – Даскалот, на кого по убиството бугарските фашисти му ја пресекле главата.

Бил член на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ во 1945 година и член на Здружението на православното свештенство на НРМ. Учествувал во работата на Првиот црковно-народен собор во Скопје во 1945 година и на Свештеничката конференција во 1946 година.
По завршувањето на војната, студирал на Философскиот факултет во Скопје.

Во 1961 година бил назначен за парохиски свештеник при црквата „Свети великомаченик Георгиј“ во квартот Фицрој во Мелбурн, Австралија. Таму ја основал првата Македонска православна црковна општина каде што била изградена првата македонска призната црква во дијаспората.

Во 1964 година се вратил на парохиската должност во црквата „Св. Благовештение“ Прилеп, каде што подоцна бил поставен и за архиерејски намесник.
По смрта на сопругата, Ангелариј ја прифатил поканата на Синодот на МПЦ и прво бил замонашен, а потоа и хиротонисан за епископ.

По замонашувањето свештенствувал во Прилеп сè до 1975 година, кога од Синодот на МПЦ бил избран и хиротонисан за епископ Пелагониски. Бил поставен за администратор – сотрудник на болниот Митрополит Преспанско-битолски Климент.
Од 1977 година бил Митрополит Дебарско-кичевски, од каде што на Црковно-народниот собир, одржан на 19 август 1981 година, бил избран за Архиепископ Охридски и Македонски.
Меѓу другото, ќе остане запаметен и по својата луцидна изјава изречена на гробот од револуционерот Гоце Делчев кога кажа:
“Балканот не е тесен, тесни се срцата наши“, мислејќи тогаш на едноумието во времето на атеистичкиот, комунистички режим.

По нецели пет години поминати како поглавар на МПЦ, г.г. Ангелариј загинал во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура, на патот Прилеп – Скопје, кога службениот „мерцедес“, во кој се возел архиепископот, под неразјаснети околности се судрил со цистерна со српски регистарски таблички. Во нресреќата, освен г.г. Ангелариј, загинал и неговиот возач. Според некои теории на заговор се претпоставува дека неговата смрт била наместена од „удбашки„ агенти поврзани со архиерејското намесништво на Српската Православна Црква.

Погребан е во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје.

За своите заслуги бил одликуван со црвен појас, граден крст во 1959 година, Орден за братство и единство од втор ред и со највисокото свештеничко одликување – протоереј-ставрофор, а посмртно е одликуван со Деветтосептемвриската награда на град Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc