Борис Бошкоски

Борис Бошкоски

Борис Бошкоски
(1915 – 2004)

На празникот Свети Наум Охридски (5 јануари 2004 година), во 89-та година од животот, се пресели во вечноста професорот Борис Бошковски. Богопромислено е совпаѓањето на неговото упокоение со блаженоупокоението на нашиот преподобен отец и учител свети Наум Охридски. И двајцата беа наши првоучители во богословието на наш мајчин македонски јазик: свети Наум, како учител и раководител на Охридската школа, а професорот Борис Бошковски, како учител и прв ректор на Македонската православна богословија, која претставува возобновување на школата од свети Климента и свети Наума. Професорот Бошковски имал трајна врска со свети Наум Охридски. Тој уште како ученик во Богословијата и како студент, како дете без родители, а со особена почит кон свети Наума, распустите ги минувал во манастирот „Свети Наум“, кај Охрид. Кон крајот на својот живот, пак, тој напиша прекрасна книга за неговиот сакан учител свети Јован Шангајски (1896-1966, се празнува на 02. 07/19. 06), којшто, исто така, бил ревносен почитувач и молитвеник кон свети Наум Охридски. Тој и кога заминал од Македонија, како епископ во Шангај – Кина, а потоа и во Америка, со себе постојано ја носел иконата на свети Наум Охридски, со која вршел чуда, исцелувајќи телесно болни и душевно немоќни.

Професорот Борис Бошковски беше и меѓу првите професори и основачи на Православниот богословски факултет во Скопје. Со него започна нашата Македонска православна богословија, а и нашиот Православен богословски факултет. Неговите прекрасни предавања и вистинскиот педагошки пристап, создаваа љубов кон Бога и богословието, кон верата и кон нашата света Македонска православна црква. Тој беше кроток и смирен, пример за вистински богољубец и човекољубец. Не само што предаваше христијанска етика, туку беше и жив пример на морална личност и вистинско живеење според учењето. Тој поучуваше и со животот и со зборот. Неговата самодисциплина и уредност, како и неговата ерудиција на знаења од сите области, а особено познавањето на литературата и книжевноста, и нашата и светската, нас, учениците, не воодушевуваше. Посакувавме постојано да бидеме крај него и да ги слушаме неговите поучни зборови. Тој, пак, говореше секогаш со љубов и со јасна мисла и убав збор. Од него ја засакавме и убавината на македонскиот литературен јазик. Знаеше воодушевувачки да нагласи колку е убав македонскиот јазик и дека тој е најблизок до нашиот книжевен првојазик, што го создадоа светите браќа Кирил и Методија, од говорните подрачја во Македонија. Предавањата на професорот Бошковски беа многу јасни и разбирливи, па затоа неговите часови со љубов ги очекувавме. Кај него сите знаевме. Неговите лекции ги учевме со љубов и со должна почит. Се срамевме да не знаеме на неговите часови. Умееше да го натера ученикот да научи и со добриот приод да извлече од него знаење. Тој никому не оставаше непреодна оценка и тоа, не затоа што подаруваше добра оценка и за незнаење, туку затоа што неговата методологија и педагогија, заедно со неговата љубов и посебен приод кон секој ученик, овозможуваа секој да го знае материјалот. Тој беше омилен кај учениците поради неговиот благ и објективен однос. Негова одлика беше правичноста. Него за таков го знаат и многуте ученици во Скопје, на кои им бил вероучител, пред да биде укината вронауката во гимназиите и основните училишта во Република Македонија, во 1952 година. Тој бил и професор по македонски јазик во повеќе училишта во Скопје.

Овој наш врвен теолог и македонољубец го даде и првиот превод на Светото евангелие на македонски јазик, како богослужбено Евангелие, издание на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, во 1952 година.
Професорот Борис Кр. Бошковски е роден во 1915 година во с. Никодин – Прилепско. Тоа е и родното село на свети Никодим Прилепски – Тисмански, македонски светител, основоположик на монаштвото во Романија, чиј празник се одбележува на втор ден Божик (08. 01/26. 12) – само ден по извршеното опело на професорот Бошковски. Ете, такви личности дало ова село во Македонија, за кои се радува и знае, нашата Македонска православна црква, а и целата Христова црква. Тие го напуштиле родното место и цел живот им служеле на луѓето како на свои најблиски, бидејќи секаде е земјата Господова и сите чеда Божји ги чувствувале за свои браќа и сестри.

По завршената нижа гимназија и пет класа Богословија – во Битола, шести клас богословија Бошковски учел во Сараево, каде што дипломирал во 1938 година. Истата година, есента, се запишал на Богословскиот факултет во Белград. Таму, во 1941 год. го затекнала војната, како студент во III година. Во мај 1941 год. се запишал на Софискиот богословски факултет, на кој и дипломирал во 1942 год.

Учебната 1942/43 година бил стажант во Третата машка софиска гимназија, кога го положил и професорскиот државен испит. Наредната учебна година бил вероучител во градот Трн – Н Р Бугарија. Од септември до крајот на декември 1944 год. учествувал во НОВ. По ослободувањето на Прилеп, работел во Прилепската гимназија “Мирче Ацев”, а во март 1945 година Поверенството за просвета го доделило на Иницијативниот одбор за организирање на Македонска православна црква.
Од 1945 до 1949 година бил професор по вероучение по скопските гимназии. Од 1950 до 1952 година – просветен референт при Иницијативниот одбор за организирање на Македонска православна црква. Од крајот на 1952 до 1967 год. бил професор во повеќе училишта во Скопје, а од 1967 година, поставен за професор и прв ректор на новоотворената Македонска православна богословија.

Професорот Борис Кр. Бошковски за неговиот придонес во образовните институции на Македонската православна црква: Богословијата и Факултетот, и за се што направил за доброто на нашиот народ и Црква, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква го одликува со највисокото одликување Орден на свети Климент и тоа при првото доделување на ова одличие, во 2002 година. Тој, уште во 1961 год бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец, за покажаните резултати и залагање во наставно – воспитната работа. А во 1964 бил назначен за Републички педагошки советник.

Творештвото на професорот Бошковски содржи педесетина трудови: книги, статии, реферати од конгреси, рецензии на книги, радио-емисии, преводи и редакции. Тој ќе остане запаметен по неговата прекрасна книга Верата на нашите татковци, која доживеа три изданија, а претставува основно четиво од библиските содржини, проследени со концизни објасненија и поуки. Оваа ретко добра книга, библиски ја објаснува и зацврстува вистинската вера во Бога, а ги развива и патриотските чувства. Таа кај читателите буди желба за лично морално усовршување, по угледот на посочените библиски примери. Напишаното во неа е предадено со чувство на мерка и убав јазик. Секој нејзин збор го јакне православно-христијанскиот дух на читателот.

Трудовите на Бошковски се одликуваат со лаконичност, задлабоченост и строга логичност. Поентата на сите негови работи е не да покаже што и колку знае тој, туку со своето знаење да придонесе некаква полза за другите. Пишувал за свети Климента, нашиот прв просветител и проповедник на верата, од чие дело денес се вдахновуваме, како и за неговиот учител свети Кирил Солунски. Го разработувал ликот и делото на Григор Прличев и родољубивото и општечовекољубивото чувство кај него, а не ја одминал ниту значајната личност на Гоце Делчев, како вистински народен водач и еден од најдостојните дејци на славното Илинденското време.

Неговите пишувања за Македонската православна црква како продолжителка на Охридската архиепископија се особено значајни, бидејќи во нив се истакнува дека Охридската архиепископија за време на осумвековното постоење била единствена чуварка на верата и народноста како и заштитничка на нашиот народ за време на ропството.
Во текстовите од книгата Филозофско – етички системи, професор Бошковски изнесува етичко – филозофски студии, анализирајќи ја човечката природа, а особено смислата и целта на човековото постоење. Таму се гледа колкава тешкотија претставува проучувањето на човекот и како тој за филозофите претставува загатка и тајна, па дека вистинската вредност на човекот е во Богочовекот Господ наш Исус Христос и Неговото Евангелие и живот. Навистина човекот е способен за добро и зло, но како што вели професор Бошковски, само победниците на злото во себеси се вистински луѓе и само тие достојно го носат името човек.

За професорот Бошковски, Божјата промисла определи големиот христијански празник Рождество Христово – Божик (прв ден) да биде денот на неговото погребение, а четириесетдневниот помен да се изврши на Задушница, на 14 февруари – на претпразничноста на Сретение Господово, кога неговата душа ќе се сретне со Господа.

Погребот го изврши Поглаварот на Македонската православна црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички и ректор на Богословијата г. Агатангел, со повеќе свештенослужители и многу негови ученици и почитувачи, бидејќи роднините му се малубројни. Освен присуството на неговата сопруга Коца, синот Петар и ќерката Емилија, со неколкумина внуци од роднините, останатите беа негови ближни од родот христијански православен. Некои од присутните рекоа дека дошле во Соборниот архиепископски храм “Свети Климент Охридски” во Скопје заради Божик, а тука чуле или се сретнале со погребната поворка на нивниот учител, професорот Бошковски, бидејќи заради празниците, весниците беа отпечатени за повеќе денови, па не беше можно да се објави неговото упокоение и погребение. Но Божјото провидение донесе в црква многумина од неговите ученици, сега видни професори, академици, лекари, писатели, инженери, уметници и познати интелектуалци во нашава земја и пошироко. Поради Божик и празничните Божествени литургии, сите архиереи на Македонската православна црква не можеа да бидат на погребението, но духовно и молитвено учествуваа, а испратија и телеграми, во кои се вели: „Ја примивме веста за претставувањето пред Господа на големиот син на нашата Света Црква, почитуваниот професор и првиот ректор на обновениот Светиклиментов просветен духовен расадник на просторот на нашата Татковина Република Македонија. Од името на богољубивото наше патство, свештенството и монаштвото, како и од свое лично име, на најблиските им го изразуваме најдлабокото соболезнование. Само најпреданите верни служители на Бога, на ваквите светодени Господ ги повикува од овоземната во небесната Црква. Сите усрдно се молиме на неговата благородна душа Господ да и дарува Царство небесно“ (од телеграмата на митрополитот г. Кирил).

На погребот проштално слово изговори Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан. Во неговите зборови беа искажани мисли на почит и љубов кон својот учител. И најпосле, ќе нагласиме дека професорот Бошковски, како смирен и трпелив, секогаш беше подготвен да ги ислуша сите и ако треба да ги поучи. Токму затоа тој уживаше голема доверба и кај македонското свештенство – неговите пораншни ученици, кои и откако завршија го имаа за свој учител во животот. Не се одвојувавме од него и секогаш ни беа потребни неговите совети и поуки. Тој беше учител и на учителите, бидејќи нам, на младите професори ни беа од полза укажувањата на ретко големиот педагог и методичар. Неговото учителствување не престана никогаш и затоа од името на сите негови ученици му искажуваме благодарност и молитвено велиме: Почивај во мир, блажен наш учителу! Нека ти е вечен споменот.

Автор на текстот: Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон.

Објавено во: „ВЕСНИК“ – Службен лист на МПЦ.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc