Прота Алекса Попов

Прота Алекса Попов

Прота Алекса Попов е роден во Варош, во 1809 година. Работел во црквата „Свето Благовештение“ и во Тополчани. Отец Алекса се занимавал со учителска дејност. Тој му бил учител и на Марко Цепенков.
Во неговата куќа, која се наоѓала во близина на јавната чешма „Џамија“ (урната е во 1930 година), се одвивала световна настава со учителот Аџи Констадин Дингуле и настава по псалтир и веронаука со поп Алекса.
Марко Цепенков за куќата говори: „Даскалницата беше еден чардак кај што учевме поседнати сите на голи штици, вкрснозе едно до друго децата…“.

Со сопругата Алтана имале две деца: син Јован ( Јон ) и ќерка Ташка. Од синот Јон, кој исто така бил свештеник имал четворица внуци: Ирина, Гога, Дано и Стефка.

Поп Алекса млад останал вдовец, како и син му Јон, така што самите го одгледувале семејството. Внуците Гога и Дано ги запишал во Солунската гимназија, а внуката Стефка во колеџ во Солун за општа наобразба за девојки. Најстарата внука Ирина, останала дома да се грижи за деда си и татка си.
Во тоа време поп Алекса и син му Јон биле уценувани црковните проповеди да ги држат де на бугарски, де на српски јазик. Во 1887 година отец Алекса отворено и се спротивставил на Егзархијата и продолжил да пее на македонски јазик. Неговиот претпоставен, егзархот поп Иконом, иако директно му забранил, тој продолжил по старо.

Егзархот Иконом му ја одзел парохијата, која му била единствен извор на приходи, а потоа му забранил и да врши секаква црковна служба. Длабоко потресен од напуштањето на својата родна црква, како што велел тој, бил прифатен од селаните од Тополчани, каде што заедно со селаните ја подигнал црквата „Свети Спас“, која е живописана од зографот Адамче во 1864 година. И синот на поп Алекса демонстративно ја напуштил егзархиската црква.

Како историски документ за настојувањето за отворање на Македонско училиште и црква е изјавата потпишана од група граѓани од Прилеп, на чело со свештениците Алекса, Јован (Јон), и Спасе Игуменов, а која е упатена до турските власти на 2 јули 1887 година, со која се бара и заштита од поглаварот на католичката црква – папата. Таа изјава дословно гласи:

„ И з ј а в а “
Ние, долупотпишаните од град Прилеп, поданици на Неговото Императорство и Величество, августешиот сулатан Абдул Хамид втори, желаеме да имаме македонско народно училиште. И како ние не сме родом Бугари, затоа не познаваме Црковна општина и нивни училишта. За религиозна заштита го познаваме папата, но без измена на догмите на православната црква.
1887 јули 2-ри
Прилеп

Внуците на поп Алекса: Гога, Дано и Стефка, од Солун заминале на разни страни. Гога по завршувањето на гимназијата отишол во Белград, во Богословската учителска школа. Потоа бил испратен во Призрен, каде што дипломирал и се вратил да учителствува во Битола.

Стефка во 1904 година била при крај со школувањето. Но таа се јавува како потикнувач на штрајкот во колеџот против лошата исхрана. Таа го продолжила штрајкот со глад два дена повеќе од нејзините соученички, поради што била казнета со укор пред исклучување.

Во исто време, во Прилеп во 1904 година Ирина се свршува со Ѓорѓија Сотироски (нивни син е првоборецот Сотка Сотироски–Џигиџик, загинат во НОВ.) Бугарските пропагандисти вршеле притисок врз попот Алекса и син му Јон да се вратат во црквата со бугарско пеење, зашто во спротивно ќе ја раскинат свршувачката. Тие одбиле, а заканите се зголемиле со закани за убиства на Ирина. Во 1906 година, на пат за Тополчани, отец Јон застанал на половина пат кај чешмата „Камберова”, каде редовно го напојувал својот коњ. Бил пресретнат од платен турски убиец и прострелан во главата. По смрта на татка си, синот Гога по свое барање преместен бил од Битола во прилепските села, но не како учител, туку како свештено лице. И тој со своите идеи, како опасен за власта, бил отруен со отров во храната. Умрел во 1909 година.

Последниот потомок Дане, кој во тоа време бил во Солун, бил известен од сестра му Стефка да не се враќа во Прилеп, за да не биде убиен и тој. По таа вест, Дано заминал за Америка. Стефка останала сама со деда си Алекса. Таа учителствувала две години во родниот Прилеп, а потоа се омажила за Стефан Тасески. Тие го чувале отец Алекса се до неговата смрт во 1912 година, кога имал 103 години.

Поп Алекса во неговата активност се појавува под различни имиња и тоа како поп Аце, Алекса Константиновиќ и Аце Тополчанецот.

1 коментар

  • Kiro Klamuka January 22, 2015

    Јас сум по род тполчанец, какам многу повеќе за знам за по Аце Тополчанецот. Во тоа рој што го изградил јас сум крстен а во тремот, во кое имало училиште учеле моите предци.

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc