2022: Црква „Свети Никола“ во село Беровци Фотографија од Андреј Иваноски

Црква „Свети Никола“ – Беровци

Црква „Свети Никола“, село Беровци
Најверојатно, на ова место е регистрирано археолошкото наоѓалиште во село Беровци. Наоѓалиштето, поради неистраженоста, не е датирано и е од непознат тип. Во 1951-1957 година македонскиот антрополог Јован Трифуноски, при своите истражувања забележал дека западно од селото, во истоимениот потег биле забележливи остатоци од ѕидини високи и до 1 метар.

Темелите за црквата „Свети Никола“ се осветени на 11 април 2016 година од Митрополитот Петар. Црквата е во завршна фаза на градба и се очекува нејзино осветување. Изградена е од делкан камен и фасадна цигла. Црквата претставува еднокорабна градба, со централна купола и полукружна апсида на источната страна. Во текот на градбата вградени се антички плочи во ѕидовите, а на едната на источната страна има и натпис на грчки јазик.

Новоизградената црква се наоѓа на околу 400 метри југозападно од селото. Порано на овој локалитет се наоѓале купови од мермерни архитектонски елементи, како и гробови ѕидани со камен и покриени со големи камени плочи. Всушност, на овој локалитет се наоѓаат остатоци од стара црква и, веројатно антички храм, на чии темели денес е изградена нова црква. Остатоците на старата градба веднаш се забележуваат, при самото доближување на локалитетот. Почитувајќи ја старата традиција на овој простор, градителите на новата градба во нејзиниот ѕид вградиле повеќе мермерни елементи од стариот храм како сполии. На тој начин обезбедиле траен „документ“ за културниот континуитет на овој објект, кој се мери со илјадници години. На источниот ѕид, од надворешната страна, десно од апсидата е вградена голема мермерна плоча со натпис посветен на извесен покојник од првите векови на првиот милениум, а на северниот ѕид, на десниот агол е вграден фрагмент од поголема мермерна плоча со релјеф, на кој има остаток од фронтон, флорални украси и веројатно, остаток од гирланда или сличен релјефен украс. Уште неколку сполии се наоѓаат на западниот ѕид, како и на северниот и јужниот ѕид. Фрагмент од столб со мал пречник е вѕидан во повисокиот дел на северниот ѕид, на неговата лева страна. Еден фрагмент од мермерен столб со пречник од 30 до 40 см се наоѓа во блиската околина. Од спомениците, кои ги затекнавме вградени како сполии или на просторот околу новата градба, особено е интересна плочата со натпис, која се наоѓа од надворешната страна на ѕидот, на северната страна од апсидата. Таа е поставена во вертикална положба, со тоа што натписот е правилно поставен и се наоѓа на нејзината горна половина. Плочата е висока 1,47, а широка 0,66 м.

Photo: Андреј Иваноски

Нема Коментари

Коментирај