Црква „Свети Атанасиј“ во Варош
Црквата „Свети Атанасиј“ се наоѓа среде средновековната населба Варош, во непосредна близина на црквите „Свети Димитриј“, „Света Богородица – Пречиста“ и манастирот “Свети Архангел Михаил“.
За црквата не се зачувани никакви историски податоци, ниту се најдени натписи во самата црква, современи на нејзиното подигање и живописување. Тоа го усложнува нејзиното попрецизно датирање. Во врска со црквата, се спомнува само архимандритот Леонтиј, кој во 1622 година подарил еден Псалтир на манастирот „Зограф“ на Света Гора.
Црквата има крстообразна форма. Куполата е изведена преку сферни триаголници, носени од четири монолитни столбови, од кои се сочувани само двата на источната страна. Во ѕидовите на црквата користен е антички градежен материјал, меѓу кои спаѓаат и погоре спомнатите столбови.
На олтарната апсида, која однадвор е тространа, се наоѓа убаво пропорциониран бифорен прозорец со камена колонета. Над влезната врата од западната страна, во тимпанот, сочувана е фреската со ликот на свети Атанасиј.
Црквата е градена во комбинација на правилни тесаници и цигла, што претставува карактеристичен начин на ѕидање и оживување на фасадите во XIV век.
Во текот на времето, во населбата Варош, многу цркви се урнати до темел, а некои од нив, како „Свети Атанасиј“, сериозно се оштетени.
Од првобитниот живопис, кој целосно е уништен, сочувани се видливи траги на јужниот ѕид.
Коментирај