1917: Козарче од Мариово...

Сточарството во Прилеп и прилепско

Сточарството во Прилеп и прилепско се карактеризирало со одгледување на овци, говеда, биволи, коњи, магариња, мазги, а во планинските села и Мариово биле во голем број застапени козите. Волот, коњот и биволот најчесто се одгледувале за влечење и орање, но во одредени села коњот се употребувал само за вршење или само за одење на пазар.

Од кравите се одгледувале најчесто старата раса „буша“, мало по раст, со слаба млечност, но издржлива и со квалитетно месо, особено оние од Мариово. Секое домаќинство во селата и во градот одгледувале најмалку по една крава и прасе поради млекото и месото, а во секоја куќа со двор честа слика биле кокошките.

Овчарството во прилепско по бројноста на грла било доста развиено, но се одгледувале овци со мала млечност и што давале слаб принос на волна, додека најголемиот приход се добивал од јагнето кое било доста барано на пазарот во Прилеп. Во прилепско имало доста мандри, особено во Мариово, каде што се произведувало познатото мариовско биено сирење, изварка и други млечни производи, додека во полските села повеќе се произведувало овчото бело сирење, кое било доста барано по пазарите. Од закланиот добиток се добивало сало и лој, кои се користеле во домаќинствата за готвење, но и за правење на сапун, додека цревата потсолени или сушени се продавале на пазарот во Прилеп, од каде што се носеле во Солун.

Пчеларството во прилепско било слабо развиено, со исклучок на Мариово, каде што се добивал познатиот мариовски боров мед.
До 1930 година во прилепско се одгледувала свилената буба, од која се добивале поголеми количества природна свила, од која помал дел се користела за сопствени потреби, а остатокот го откупувале трговците во Прилеп.

Во 1919 година на територијата на денешна Македонија имало само три ветеринарни станици и тоа во Скопје, Битола и Гевгелија, па затоа поради недостаток на превенција, заразните болести кај добитокот брзо се ширеле. на територијата на Прилеп ветеринарната служба ја вршеле постарите луѓе со поголемо искуство.
Се до 1935 година во Прилеп и прилепско не се направени чекори кон формирање на стручни училишта и организирање на курсеви од областа на земјоделието и сточарството.
Во 1935 година во Прилеп е отворено нижо земјоделско училиште, чии ученици и учители често по селата одржувале курсеви за обработка на земјата, калемење на дрвца и одгледување на добиток и пчели.

Нема Коментари

Коментирај