Штавица се наоѓа на југоисточната страна на Прилепско Поле. Селото е ридско, на надморска височина од 800 метри. Од градот Прилеп оддалечено е 18 км. Атарот зазема простор од 17,4 км2. Селото има полјоделско-сточарска функција.
Источно од Штавица се издига карпеста падина со оскудна паша. Нивите се поголем дел прекриени со планински нанос, лежат западно од селото.Водата за пиење се добива од една чешма и неколку кладенци. Штавица е село од разреден тип.
Се разликуваат поедини групи на куќи, кои што се наречени по родовите, како – Вршковци, Дервишовци, Џаковци и други.
Имињата на потезите околу селскиот атар се: Веселец, Џавато, Бутиње, Слива, Буков дел (таму е зачувана букова шума), Турска Планина, Рамна Леска, Горен Врв, Клетовник, Каменица, Метиловка, Среден Рид, Ветрова Воденица, Мекоец, Нерезиње, Црвеница, Смреков Дол, Бојчејча, Заридски Гробишта, Латински Гробишта и Крсто.
Потегот За ридски Гробишта лежи јужно од селото на оддалеченост околу 500 метри. На површината на земјата се гледаат надргобни камени плочи. Постои и еден крст. Кај овој крст до 1946 година, селаните „шетале со крстови на Духовден“.. Жителите зборуваат дека„ тоа се христијански гробја“ останати од некоја постара населба. Таа пропаднала „кога тепала чума“. Денешната Штавица е основана пред околу 170 години од страна на доселеници.
Најнапред се населиле предците на денешните родови кои го слават Свети Мина.Тоа се: Дељовци, Јолевци, Толевци и др. Дошле „од кај Тиквеш“ како еден род, после нив се населиле предците на останатите селски родови. Околу 2 км. јужно од Штавица е местото Латински Гробишта. Сега таму се наоѓаат ниви. Се зборува дека на тоа место, биле закопани „бабари кои се испотепале меѓусебно“. Пред крајот на турското владеење во Штавица постоеле 4 читлуци. Сопственици биле Салија, Мујазија, Рушит и Рамо. Тоа биле прилепски Турци.
Тие го зафаќале половината од селскиот атар. Селаните работеле како момци на читлуците. Некои имале и своја земја. Читлуците пропаднале 1912 година. Населението ја купило земјата. Во ова село постои црква, Рождество на Пресвета Богородица изградена пред околу 90 години. Гробиштето е северно од Штавица
Во XIX век Штавица е село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Штавица (Schtavitza) е посочено како село со 32 домаќинства и 162 жители.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Штавица има 322 жители, сите христијани.
Во почетокот на ХХ век населението на селото е под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Штавица има 360 егзархисти.
Според пописните податоци од 1961 година, во Штавица живееле 258 жители, во 1994 година бројот се намалил на 64, додека во 2002 година во селото имало само 84 жители.
Во Штавица, во 1994 година, снимен е македонскиот филм „Пред дождот“, режиран од Милчо Манчевски. Овој филм во 1994 година беше номиниран за филмската награда Оскар.
Коментирај