СК „Македонија“ е формиран во 1941 година, под директива на бугарската фашистичка власт, поради што во управата на клубот постојано имало луѓе, лојални на окупаторскиот режим.
Првата управа на клубот ја сочинувале: Гога Самарџиоски, Милан Сапунџиоски, Коло Мамин-Коло, Мице Корубин, Атанас фурнаџијата, Ноче Зорлески, Киро Тамбурката, Бојан Тасески и Александар Самарџиоски, седиштето на клубот било во поранешната „Соколаната“.
Од почетокот на формирањето на СК „Македонија“ и СК „Гоце Делчев“ биле направени неколку обиди да се организира официјална пријателска фудбалска средба со месниот ривал „Гоце Делчев“ кој бил врталиште на скоевците во градот, но безуспешно.
Конечно во август тимовите се договориле за пријателски меч.
Иако претходно договорот бил, средствата од билетите да се поделат подеднакво помеѓу двата тима, пред натпреварот биле поставени две каси со билети – едната за СK „Гоце Делчев“, а другата за СД „Македонија“, се со цел полицијата да направи контрола на симпатизерите на СK „Гоце Делчев“.
И покрај тоа пред касата на СK „Гоце Делчев“, продавачите имале полни раце работа.
За време на натпреварот од публиката почнале да се слушааа пароли против бугарските власти, по што низ публиката се растрчале агенти и полицајци барајќи ги извикувачите, но безуспешно.
Натпреварот завршил со 1:0 во корист на СД „Гоце Делчев“
Во 1942 година, под притисок на бугарските окупаторски власти, фудбалерите на СК „Македонија“ одиграле натпревар со војниците од германските единици, стационирани во Прилеп, а натреварот завршил со резултат 3:1 во корист на домаќините.
Интересно е да се спомне дека СК „Македонија“ во ова време не можело да формира квалитетна екипа. Никој од талентираните млади фудбалери не сакал да игра во овој клуб, а оние подобрите што играле во СК „Македонија“ играле под притисок и по цена на закани од страна на власта.
Коментирај