Семејството Шавкуловци води потекло од селото Плетвар.
Иван Шавкулов (1808-1884) бил од богато семејство, сопственик на голема чифлик на периферијата на селото. Како момче се оженил со Темјана Петрова од селото Тројаци, која е тетка на револуционерот Ѓорче Петров. Иван и Темјана Шавкулови имале четири синови – Спиро, Димитар, Стефан и Никола и една ќерка Марија, родена помеѓу 1841 и 1855 година.
Во 1860-тите, по големиот пожар кој ги уништил сите објекти и животни во чифликот на Иван Шавкулов, семејството паднало во голема сиромаштија.
Принудени од околностите, најстарите синови Спиро и Димитар, поттикнати од својот татко, тргнале да си ја бараат среќата со емигрирање во странство. Во почетокот заминале за Цариград, каде што поминале година или две, по што се упатиле во Египет, каде што тогаш се копал Суецкиот канал поради што доаѓале голем број на работници од Европа. Таму двајцата браќа отвориле бакалница со ресторан, во која што на работниците на каналот им се продавало тутун, лимонада, сладолед и друго.
По некое време, нивниот татко Иван решил да ги посети во далечна земја и кратко време останал со своите синови, внимателно следејќи го секојдневниот живот во Египет. Бил импресиониран од тоа што секој ден се колел добиток за да се прехранат работниците, а убавите кожи ги фрлале во Нил како непотребни. Будниот старец ги собрал своите синови и им објаснил дека од овие кожи можеле да се прават прекрасни опинци (царвули), кои може да се продаваат низ цела Македонија.
Двајцата браќа почнале да ги собираат воловските и биволските кожи во прво време бесплатно, ги посолувале за да се зачуваат и со брод преку Александрија ги испраќале на бали кај двајцата помали браќа Стефан и Никола во Прилеп. Бизнисот постепено растел, едниот брат Димитар отишол на југ во Абисинија (Етиопија) и Занзибар да бара повеќе стока, а најмладиот брат Никола се населил во Солун за да ги пречекува параходи со стоката по што ја испраќал низ цела Македонија. Во меѓувреме во Египет починал Спиро, најстариот брат со авантуристичкиот дух.
Така, во 1879 година во Солун била основана фирмата „Браќа Шавкулови“, со основна дејност „трговија со кожи од крупен добиток“. Компанијата е позната и по француското име „Chafcouloff Freres“. Нејзината канцеларија била во центарот на градот во Ломбардискиот премин, веднаш спроти Отоманската банка, а нејзините магацини биле во близина на пристаништето. Во исто време, тројцата браќа со семејствата се преселиле од Прилеп во Солун, а кон крајот на 19 век живееле во Пиргитското маало, каде постепено се стекнале со свои куќи.
Со неверојатниот раст на компанијата, пазарот во Македонија се покажал тесен за големата трговија на Шавкулови. Во почетокот на дваесеттиот век, средниот син Стефан заминал како претставник на компанијата во Марсеј – голем индустриски центар и најголемо пристаниште во колонијална Франција, каде што кожите на Шавкулови се користеле во кожарската индустрија. Претставништва се отворени и во Царството Бугарија – во Софија, Варна и Бургас.
Браќата постојано патувале и го проширувале својот бизнис, а многу нивни блиски роднини биле испраќани да ја претставуваат компанијата во различни делови на светот. Локалните канцеларии се отворени во Александрија, Диего Суарез и Тананариве (Мадагаскар), Реунион и Маурициус, Бурма, Сингапур, Бомбај и Калкута (Индија), Ханој (Виетнам) и други. Во прекрасниот и космополитски град Александрија во Египет е формирано второто седиште на фирмата, од каде испловувале цели параходи натоварени со стоката на Шавкулови.
Претприемничките браќа не биле задоволни од постигнатото па продолжиле да бараат нови пазари поради што отсуствувале од семејната куќа со месеци. Покрај трговијата, браќата Шавкулови развиле и активни општествени активности во Солун. Од 1898 година Димитар Шавкулов е првиот претседател на добротворното братство „Милосрдност“ во Солун, чија една од активностите била и материјална поддршка на децата и учениците од сиромашните семејства во Македонија.
Шавкулови, заедно со неколку бугарски богати трговци, биле иницијатори за основање на бугарска банка во Солун, но за жал не добиле поддршка од бугарската држава и од БНБ. Овој потфат бил особено важен во тие години со оглед на можноста за добивање кредити за сиромашните и без земја во Македонија.
Браќата Шавкулови биле едни од најголемите донатори на ВМОРО повеќе од 30 години, и донирале 200.000 златни лева за организацијата.
Без директно учество во немирите и атентатите во 1903 година, браќата Шавкулови со пари и други средства ги поддржувале младите револуционери. По бомбардирањето на Отоманската банка и францускиот брод Гвадалкивир во истата година, Димитар Шавкулов бил уапсен и затворен од турските власти во познатата Бејаз Куле (Белата кула). Најмладиот брат Никола Шавкулов долги години бил член на комисијата поставена од ВМРО, која собирала пари од Организацијата за македонско население во Солун.
Браќата Димитар и Никола Шавкулови го напуштиле Солун во 1913 година за време на Балканските војни 1912-1913 година и по прогонот на Македонците во градот од страна на Грците. Со брод преку Цариград и Варна, двајцата браќа побегнале и се населиле во Софија, каде што продолжиле со својата работа. Стефан Шавкулов со семејството продолжил да живее во Марсеј, каде што до крајот на Првата светска војна продолжил да соработува со своите браќа.
Напишано од Дојчин Станчев, правнук на Никола Шавкулов, врз основа на пишаните мемоари на Василка и Борис Шавкулов, деца на Никола Шавкулов.
Коментирај