Дуетот Селимова-Желчески

Селимова – Желчески

Дуетот Селимова – Желчески е составен од Кевсер Кети Селимова и Ѓорѓе Желчески. На музичката сцена се до денес се активни од 1968 година.

_____________________________________________________________________

15 ноември 2013 година
Јасминка Павловска
„Утрински Весник“
ЉУБОВТА ЈА ОДРЖА КЕВСЕР, ДУЕТОТ ГО ВОДИ ЃОРЃИ

„Дуетот Селимова – Желчевски е повеќе од синоним за македонската народна песна. Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчевски се едни од ретките музичари, чие споменување предизвикува чувство дека времето не минува, ниту за нив, ниту за публиката, и тоа на просторите на цела некогашна Југославија. „Феноменот“ е уште поголем затоа што тие никогаш не се обидувале да ги скријат годините. Всушност, тоа е речиси и невозможно, зашто за генерации и генерации, дури и со поинаква музичка определба и вкус, Селимова – Желчевски се асоцијација на некој период на посреќно живеење, кога се пееше со срце и со душа.

Можеби и нивната определба да пеат македонски народни и новосоздадени песни, најчесто со љубовна тематика, придонесува за впечатокот дека нивните 50 години кариера минале како една музичко-љубовна идила. Во петокот, на 15 ноември, во Домот на АРМ, еден ден пред роденденот на Ѓорги (16 ноември), тие го одржаа својот скопски концерт, токму по повод 50 години од постоењето на дуетот Селимова – Желчевски. Претконцертно и предроденденски, Ѓорѓи Желчевски подготвено и расположено, се чини со несмалена енергија и ентузијазам зборува за се’ што сакате да го прашате. А и во оваа пригода со Кевсер си ги имаат поделено обврските за „обработка“ на медиумите.

Чувствувате ли во ова концертно расположение дека навистина Ви минале 50 години на музичката сцена?

-Кевсер вели дека беше тешко во овие 50 години, но мене некако брзо ми мина овој половина век со песна. Во текот на кариерата сме биле 14 пати во САД и Канада, девет пати во Австралија. Турнеите доаѓаа речиси една по друга. Дваесетина години, во текот на летниот период по пет месеци настапуваме во Пореч, Истра… Навистина, понекогаш се прашуваме кога минаа педесет години кариера. Луѓето знаат да кажат на 50. роденден дека многу проживеале, но нам овие педесет години со песната, воопшто не ни тежат на рамениците. Малку размислувавме дали да се нафатиме со овие јубилејни концерти, зашто некако тешко се доаѓа до спонзори. Кевсер беше понерешителна во однос на организацијата на концертите, но по успешниот и топол концерт во Подгорица, Црна Гора, решивме дека нашите педесет години кариера треба концертно да ги одбележиме и во Скопје. По Скопје, планираме да направиме и еден концерт во Домот на синдикатите во Белград.

Велите дека и покрај љубовта кон музиката, успешната кариера зад вас и енергијата и желбата за пеење што се’ уште ја имате, Ве обесхрабрува моментот на потрага по спонзори. Колку е тешко да се најдат спонзори во Македонија, а колку во Србија, во Белград, каде што всушност живеете?

-Најтешко е во Македонија. За нашиот скопски концерт ни излезе во пресрет само Министерството за култура на Македонија и момците од агенцијата што, всушност, го организираше концертот. А и тие многу се намачија.

Неспорно е дека бевте ѕвезди на некогашната југословенска сцена. Но влијае ли тоа што не сте во Македонија, па поддржувачите од стопанството на културни манифестации, т.н. спонзори, некако како да подзаборавиле на Вас?

-Не верувам дека во тоа е проблемот. Ако не сме често гости со настапи во живо на македонските телевизии, често не’ има на кабелските програми низ регионов, што се гледаат и во Македонија. И во овие неколку дена пред концертот што бевме во Скопје, гледаме дека публиката не не’ заборавила. Мислам дека проблемот е подлабок и посериозен за колегите-пејачи од Македонија. Во последниве десетина години, не знам дали се организирани десетина солистички концерти на македонски пејачи во Македонија. Домовите на култура не знам дали веќе постојат во таа форма, но во секој случај тие не се организатори на концерти. Сега за да направиш концерт треба да имаш менаџер и финансиска основа за да почнеш да размислуваш за солистички концерт. Всушност сметам дека економската криза многу повлијае и на фактот потешко да се наоѓаат спонзори за музички концерти.

Јубилејните концерти некако предизвикуваат носталгија и навраќање на спомените. Како се создаде дуетот Селимова – Желчевски?

-Пред педесетина години јас настапував како солист, а и Кевсер беше солистка. Првпат се сретнавме и се запознавме во Ужице, на едно одбележување на годишнина на Ужичката Република, и двајцата како претставници од Македонија: таа од Скопје, јас од Прилеп. Всушност, Кевсер беше солистка на КУД „Орце Николов“, а јас бев постар, веќе радиопејач и често настапував и како водител на разни програми. Токму како и на таа младинска средба во Ужице, во 1959 година. Требаше да ја најавам Кевсер и тогаш првпат ја забележав, кога ја прашував што ќе пее и како и’ е името. За најавата, нели! И првпат слушнав дека убаво пее. Две години подоцна, во 1961 година, бев на турнеја со уште неколку македонски пејачи (Сариевски, Бадев, Анка Гиева и уште една пејачка – Коџобашиева) и оркестарот на Екрем Асановски. По еден месец од турнејата, во Шабац, некој од публиката се вљуби во младата Коџобашиева и реши да се ожени со неа. Еден ден таа вели дека не ја продолжува турнејата, туку останува во Шабац. Така останавме без една пејачка на турнејата. Тогаш се сетив на Кевсер и му реков на Екрем да го пушти менаџерот во Скопје, да ја побара во Музичкото училиште каде што таа учеше тогаш. Менаџерот ја пронајде Кевсер, ја донесе на турнејата… и од тогаш, од 1961 година, ние сме заедно – и професионално и во животот.

Тогаш се уште адресата, базата ви беше во Македонија?

- Да, до 1963 година , до земјотресот, живеев и работев во Македонија. Јас сум пејач со 4 дипломи: имам завршено Средно музичко училиште, Средно медицинско училиште – санитарен техничар, лаборант; имам диплома за професор по биологија и хемија од Виша педагошка академија, а завршив и студии по хемија на Природно- математичкиот факултет. Во Македонија сум работел и како санитарен инспектор, и како наставник, и како професор, но никаде не се задржав повеќе од еден-два месеци. Музиката и сцената некако повеќе се „залепија“ за мојот дух и карактер. Некогаш, на шега велам дека џабе сум ги триел училишните клупи и толку сум учел. И во некогашната Југославија имаше многу пејачи, можеби повеќе од сега, но мислам дека околу четириесетина имиња останаа да се споменуваат и ден-денес. Без лажна скромност, меѓу тие имиња мислам дека влегува и дуетот Селимова – Желчевски. Не жалам за изборот на кариерата што го направивме. Со музиката го прошетавме целиот свет и имаме толку многу пријатели и познаници. Никогаш со ништо тоа не се заменува.

Кога решивте да се преселите во Белград?

- Уште пред скопскиот земјотрес, како претставник на Радио Скопје бев испратен како учесник од Македонија на еден концерт со пејачи од цела Југославија, во Домот на синдикатите во Белград. Требаше да испеам три песни, но постојано ме враќаа на бис, па испеав осум песни. Таа вечер добив понуди од два оркестри да настапуваме заедно, од еден ансамбл да снимам плоча и од агенцијата „Југоконцерт“ да потпишам едногодишен договор со нив за концерти и настапи. Го потпишав договорот и постојано требаше да патувам, речиси секој викенд во Белград. Тогаш долго се патуваше со воз од Скопје до Белград, речиси 12 часа, па од агенцијата ми предложија да изнајмам стан во Белград, за да бидам пооперативен за настапите и концертите. Подоцна потпишав подолгорочен договор со „Југоконцерт“ и по извесно време им предложив да настапувам во дует со Кевсер. Тогаш се’ уште не ја знаеја неа како пејачка. По еден заеднички концерт во Домот на армијата во Белград, агенцијата потпиша договор и со Кевсер и оттогаш официјално настапуваме како дует Селимова – Желчевски. Наскоро станавме постојани членови на Здружението на музичари на Србија, преку кои ни беше регулиран стажот до пензионирање. Во текот на кариерата имаме добиено многу награди: за естрадна дејност на Србија, па на Југославија, благодарница како почесни граѓани на градот Белград и награда за животно дело од градот Нови Сад.

И покрај животот и кариерата која Ви се развиваше од Белград, сепак останавте препознатливи како пејачи на македонски песни. Никогаш не престанавте да пеете на македонски?

- Исклучиво на македонски. Сите наши носачи на звук (плочи, касети, цедеа) се со македонски песни. Во фонотеката имаме 170 снимки на македонски песни, околу 90 снимки со оркестрите на Радио Белград, уште толку снимки имаме реализирано и во радио Сараево… Едно време имавме некој предлог да почнеме да пееме и српски песни, но Кевсер бевме скептични околу таа идеја. А и уредниците на програмите не’ уверија дека ние сме препознатливи токму по македонските народни песни и би звучеле чудно кога нешто би менувале.

Вие сте едни од ретките музичари кои граделе кариера надвор од Македонија, токму со македонската песна. Обично македонските пејачи кога излегуваат надвор од земјата своите песни ги приспособуваат на јазикот на средината во која настојуваат да направат кариера?

- Јас сум прилепчанец и каде и да одам, каде и да бидам, македонското не можам да го искоренам ниту да го скријам. А мислам дека и сите прилепчани се такви, веднаш се познаваат по акцентот, на кој јазик и да зборуваат, ха, ха. Еве, што се вели, сто години живеам во Белград, не научив како што треба да зборувам српски јазик. Уште „кубурам“ со падежите. Кевсер полесно се снаоѓа со падежите. Всушност дома секогаш зборуваме на македонски. Ќерката ни е родена во Белград, порасната таму, но јас со неа никогаш не сум прозборел на српски. Ќерката ни е полиглот: зборува англиски, турски, грчки, италијански, српски, а македонскиот го зборува на прилепски дијалект, ха, ха.

Не посака ли и Вашата ќерка покрај родители музичари и таа самата да влезе професионално во музиката?

- Несомнено таа ја сака музиката, но верувам дека токму тоа што ние двајцата сме професионални музичари и што често бевме заедно отсутни од дома, ја одврати од тоа таа професионално да се занимава со музика. Тоа што двајцата, со Кевсер и не само што сме во иста професија, туку и настапуваме заедно, знаеше честопати да донесе стресови при разделбите со ќерката кога заминувавме на турнеи. Кога можевме ја носевме и неа со нас. Уште на 5 години беше со нас на турнеја низ Америка и секако не се сеќава на тоа, ха, ха. Но потоа уште три пати ја водевме во Америка. Сепак, не беше изводливо таа секогаш да патува со нас, па Ана остануваше или во Македонија, со некој од нашите родители, роднини, или во Белград со роднини и пријатели од доверба… И додека беше помала, разделбите навистина беа стресни, а Кевсер тоа посебно емотивно го доживуваше. Верувам дека поради тоа Ана не посака професионално да се занимава со музика, но сепак и таа избра професија со патување, па сега работи во туризмот.

Колку што сте професионално заедно, речиси исто толку време трае и вашата емотивна врска, а подоцна и брак…

- Па, во брак сме од 1978 година! Но точно, почетокот на емотивната врска се одвива некако паралелно со емотивната врска. И ќе признаам, опстојувањето на нашата љубов се должи благодарение на истрајноста, карактерот, толеранцијата, па и жртвувањето на Кевсер. На почетокот од шеесеттите прво јас дојдов во Белград и живеев сам. Потоа се случи скопскиот земјотрес, настрада куќата на Кевсер, дури и таа на извесен начин настрада, па одлучивме и таа да дојде во Белград. Тие трагични околности по земјотресот и тешкото удомување во Белград уште повеќе не’ зближија. Но за толку години заеднички живот, потребна е голема толеранција и разбирање и, мислам, повеќе од страна на жената. Со искуството што го имам верувам дека, всушност, жената е таа што одлучува дали ќе опстане некоја врска и брак. Ние, мажите, кога-тогаш, ќе си „легнеме на брашното“, ха, ха.

Сепак во Вашата врска се испреплетува и професионалниот аспект. Кој е водечкиот елемент во кариерата на дуетот Селимова – Желчевски

- Одамна сме се согласиле дека јас сум тој што ја движи кариерата на дуетот. Да не бев јас, Кевсер уште пред 30 години ќе се откажеше од пеењето. Особено откако ја добивме ќерката, Кевсер беше толку исполнета, што често беше на прагот да го напушти пеењето. Но во професионалниот аспект јас сум тој поупорниот и поодлучниот. Јас избирав песни, закажував проби, настапи, концерти, фестивали, турнеи… Еве, и сега по јубилејниот концерт во Скопје, в понеделник се враќаме во Белград, а од вторник почнуваме со снимање новогодишни емисии по телевизиите. Нам, музичарите, ни е даден дар со нашиот талент, кој не ни дозволува да мируваме, зашто мораме тој дар да го споделиме и да им даваме задоволство на луѓето.“

2 коментари

  • Vidak June 14, 2015

    Prva muzika koju sam zavolio bila je makedonska, iako sam hercegovac. Od svih makedonskih izvodjaca su mi Selimova-Zelcevski bili jedni od najdrazih. Znao sam da su bracni par ali tek iz ovog intervja sam saznao detalje o njihovoj vezi. Posebno me raduje da imaju i kcerku i unuce, bilo bi divno da neko od njih snimi bar dio roditeljskog repertoara! Njihove ploce koje sam imao u Sarajevu su propale ali sad je srecom lako nabaviti sve to na CD. Volio bih nabaviti i neki DVD jer je njih milina i gledati i slusati.
    Kevser i Djordje zelim vam dobro zdravlje i svu srecu ovog svijeta!
    Hercegovac iz Stockholma

    Respond
  • Ljub January 21, 2017

    Selimova-Zelceski
    Volimo vas!! Pozdrav iz Holandije

    Respond

Коментирај