13 август 1917: Селце

Селце

Селце е сместено во северното подножје на Селечка Планина и се наоѓа на надморска височина од 750 m.
Селце е село од збиен тип и се дели на Горно и Долно маало.

Селце е мало населено место во близина на Прилеп. Наносното земјиште западно од Селце е ниви под тутун, жито и лозја. Стрмната планинска падина источно од селото служи како испаша. Вода за пиење се добива од две чешми. Селце е село од збиен тип. Еден дол го дели селото на Горно и Долно маало. Маалата се состојат од група сроднички куќи. Во селото има вкупно 54 домаќинства (1954). Имињата на потезите западно од селото се: Кула (постоела кула за чување на грозјето), Гарчев дол, Крива река, Дујгас и Селчишта. Називите на потезите над селото се: Попова нива, Скала, Црвени стени, Крстови, Селиште, Дунова нива, Бела чешма, Мал и Голем здравец, Калусовац, Жолт вир, Ветривица, Бачилиште Преслоп, Мечка, Заполшко, Чалма.

На потезот на Мечка југоисточно од Селце, во 1948 година, селанецот Киро Ацески нашол мал земјен сад. Во него имало 17 сребрени српски динари од XIV век. Околу 800 метри источно од населбата, покрај денешниот манастир „Свети Димитриј“, се наоѓа потезот Селиште. Таму, според традицијата „живееле прадедовците на денешните старински родови“. Тоа село имало се на се седум куќи. Земјата, на која лежи денешно Селце, во тоа доба припаѓала на некој турски бег. На почетокот на XIX век земјата од бегот ја купиле селаните од Селиште. Одма после тоа ја преместиле населбата на денешната локација. Манастирот „Свети Димитриј“ е изграден околу 1920/30 година. Дотогаш тука се наоѓале урнатини од стариот храм. Во 1927 година на овој манастир селаните му подариле нешто земја. Во Долно маало има црква на „Пресвета Богородица“ изградена од пред околу 100 години. Околу нејзе има гробишта. Целото население слави црковна слава. Бројот на домаќинства во населбата изнесувал 1921 = 62, 1948 = 54, 1961 = 66, и 1971 = 74.

Македонското население во Селце се дели на стари и на доселени родови. Старинци се: Кочовци (10 куќи), Кецуљовци (6 куќи), Есенковци (5 куќи), Првите три рода ја слават Света Матрона, зашто потекнуваат од ист предок. Последниот род слави Свети Никола. Доселени родови се: Зајковци (6 куќи, Свети Никола) и доселени се од Мариово. Во овој род порано постоела задруга од 40 членови. Пашовци (1 куќа, Пречиста), сега се викаат Лолевци, однекаде се доселени. Митревци (10 куќи, Митровден) доселени се од Дупјачани. Таму му се рода Белковци, доселени од Будаково. Опеловци (2 куќи, Свети Никола), дошле од Беловодица во Раец. Велковци (1 куќа, Митровден) дошле од Чумово. Мариовци (3 куќи, Свети Никола), дошле од Кокре од Мариово. Димитрија (1 куќа) дошол од Кајларско во Егејска Македонија. Андреевци (1 куќа) живеат во Бирино.

Од Селце има многу иселеници во Прилеп – околу 30 фамилии. Иселениците се гранки на денешните родови, најмногу од родот Есенковци, Митревци, и Пашовци. Околу 15 мажи од ова село засекогаш се иселиле во Северна Америка.

Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Селце Ближно (Seltzé-blizno) е посочено како село со 35 домаќинства и 153 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македониja: Етнографиja и статистика“) оd 1900 година, Селце имало 120 жители христијани.

Во почетокот на XX век, Селце било егзархиско село. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Селце Ближно имало 400 христијани егзархисти, а во селото работело и бугарско училиште.

Според пописните податоци од 1961 година, селото имало 322 жители, 1994 – 310, а според пребројувањето од 2002 година селото има 294 жители.

На 6 март 1903 година, во околината на Селце, затекнати од турските зулумчари во своите ниви се убиени селаните Секула Атанасков и Цветко Секуловски.

На 19 март 1903 година бандата на Уска Топузот извршила рација во селското училиште каде што го затекнала селскиот учител Јордан Тренков. Турците решени да го убијат учителот почнале ѕверски да го тепаат, но не успеале во намерата бидејќи во меѓувреме цело село се организирало и им се спротиставило на зулумчарите, по што турците се вратиле во Прилеп
На 28 јули 1904 година, во околината на Селце, во месноста Црвена Стени, од турскиот аскер била разбиена четата на Никола Каранџулов, при што загинал и самиот Каранџулов.

Нема Коментари

Коментирај