Лазо Колевски - Лавски... Илустрирал: академски сликар Иван Велков во 1972/73 година

Лазо Колевски – Лавски

Лазо Филипов Колевски – Лавски е роден во 1918 година во село Мрзен, Кавадаречко.

Рано останал без мајка и тешкиот живот го принудил заедно со татко му да се пресели во Прилеп, каде што го завршил основното образование. Набрзо го напуштил Прилеп и еден период живеел во Градско, каде работел како чирак во една пекара. Во Велес дошол во контакт со тамошните револуционери и од тој момент започнал неговиот бурен живот.

Во 1937 година заминал како печалбар во Белград, каде што се вклучил во тамошното синдикално движење и станал член на Комунистичката партија. Таму Лавски се запознал со прилепската група на студенти и станал посебно близок со Кузман Јосифовски–Питу, кој во тоа време се школувал во Белград.

По враќањето во Прилеп, како активист на УРС-овите синдикати, учествувал на Илинденските демонстрации во 1940 година. Еден месец подоцна, полицијата го запленила весникот „Пролетер“ и други партиски материјали, при што биле уапсени голем број лица, меѓу кои и Лазо. Затворен бил 15 дена, при што цело време бил тепан, но не признал ништо и не предал никого.

Набргу го добил прекарот Лавски, кој подоцна ќе му стане и партизанско име. По окупацијата бил член на месниот воен штаб на МК на КПЈ во Прилеп и инструктор за ракување со оружје, а едно од складиштата за оружје била и неговата куќа. Во септември 1941 година учествувал при акцијата кај тунелот во Богомила, каде што пукал во стражарот пред тунелот. Бил борец на Првиот прилепски НОПО „Гоце Делчев“.

При крајот на октомври 1941 година, со само 23 години, станал заменик командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев“. По растурањето на одредот заминал во илегала, а на почетокот на 1942 година работел на подготовките за формирање на нов партизански одред. Во јануари и февруари Лавски бил постојано во обиколка на околните села и ги организирал доброволците за новиот одред.

На 2 март 1942 година, околу 15 часот, враќајќи се заедно од Кавадарци, Борка Талески и Лазо Филипов Колевски – Лавски, во месноста Чашка, во близина на селото Плетвар, по претходно предавство, паѓаат во заседа подготвена од страна на бугарската полиција.
Иако вооружени со по еден револвер и бомба загинуваат без да успеат да дадат отпор.
Според полицискиот билтен од 20 март 1942 година, предавството го извршил тогашниот кмет од селото Царевиќ а убиени биле од старешината на полициската станица во Тројаци, Дончо Колев со автомат „Шмазер“ од оддалеченост од 380 метри.

Прогласен е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година.

1 коментар

  • Бугарски официр September 13, 2015

    Trebalo e Bugarskite Specijalni Jedinici ziv da go izgorat ovoj KOMUNISTICKI SLUGA na “Druze” TITO………….!!!

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc