Јоска Јорданоски - Сандански

Јоска Јорданоски – Сандански

Јоска Јорданоски – Сандански е роден во село Лениште на 7 април 1921 година.

Во 1924 година неговото семејство се преселило во Прилеп. По завршувањето на основното образование, се вработил како продавач на зеленчук во продавницата на Ченто. Во дуќанот дошол во контакт со комунистичките идеи на прилепската младина. Како љубопитно момче, се зачленил во фудбалскиот клуб „Граѓански“, а потоа играл фудбал и во маалскиот клуб „Шаторов Камен“. Во 1940 година се зачленил во МК на СКОЈ. Истата година одлежал и 15 дена затвор, заедно со роднината Ченто. Истата година заедно со повеќе прилепчани е мобилизиран под изговор за воена вежба и е одведен во концентрациониот логор за изолација во Меѓуречје кај Ивањица.

Јоска Јорданоски-Сандански е еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941 година, во месноста Бидимаш на Селечка, ја формирале првата партизанска чета, составена од борците: Илија Игески-Цветан, Трајко Бошкоски-Тарцан-Илинденски, Борка Велески-Левата-Горанов, Лазо Филипоски-Лавски, Ѓорe Секулов Велкоски–Стрелката и Киро Крстески-Платник-Кирката. За командир на четата бил одреден Киро Крстески-Платник.

На 17 Октомври 1941 година учествувал во формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. На 22 април 1942 година учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“, но веќе на 3 мај 1942 година одредот во близина на Битолското село Орехово бил опколен од многубројна бугарска војска и полиција. Во повеќечасовната нерамна борба загинал погоден од непријателски куршум во главата. Бил закопан заедно со неговата соборка Елпида Караманди.

По војната нивните родители се збратимиле.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc