Драган Димески - Даме

Драган Димески – Даме

Драган Димески – Даме е роден 1922 година во село Попадија, Велешко. Уште како дете останува сирак без родители, а потребната лубов и родителска грижа ја пронашол во Рампо и Паца од Прилеп, кои го посвоиле. Како момче чиракувал, изучувајќи го кондураџискиот занает.

На негови 17 години, заедно со своите врсници Благоја Талески-Иван, Пецо Црвениот и Димче Качакот влегол во работничкиот синдикат и во КП и СКОЈ. Во почетокот на 1940 година станал претседател на струковиот пододбор на кожарските работници.
Во април истата година, заедно со Перо Црвениот, Стеван Саздоски и Перо Црниот раководел со штрајкот на кондураџиските работници во Прилеп. Како активист на СКОЈ врбувал нови членови и учествувал во сите поважни партиски и синдикални собири.
Уапсен бил на еден таков собир на синдикалното членство во месноста Ѓумушица.

Истата година учествувал во Илиндеските демонстрации, при што повторно бил уапсен и бил интерниран во логорот Ивањица. За време на окупацијата активно работел за прибирање на оружје, храна и други материјално технички средства. Поради неговата активност го свртил вниманието на бугарската полиција и од октомври 1941 година бил принуден да премине во илегала. Пролетта 1942 година, заедно со Киро Базерко, се приклучил на Прилепскиот партизански одред, каде што станал партиски раководител. Учествувал во акциите во село Плетвар, Мажучиште, Лагово и Десово, каде што биле фатени и ликвидирани кметот на селото и Дончо Војводата.

Во октомври 1942 година, при борбите со бугарската војска и полиција во Габровско-Мокренска шума, неговата чета била разбиена. Во овие борби бил убиен Пецо Крстески-Даскалот, а неговата глава била отсечена и однесена во Богомила, со цел да ги заплашат селаните од Азот. По разбивањето на четата, Драган заедно со Киро Крстески-Платник и Блаже Спиркоски-Берберот се одвоиле од другите борци и немајќи можност повторно да и се приклучат на четата, решиле да се засолнат во Прилеп. Не можејќи во градот да се движат како група, се договориле секој за себе да си побара засолниште и да се поврзе со организацијата.

На 3 декември Драган се наоѓал во бавчите кај Аличаир со цел да се поврзи со Стеван Каранфилоски и Горица Атанасоска, но случајно бил откриен од нејзиното семејство и пријавен кај бугарските власти, кои веднаш го опколиле. На барањата да се предаде, Драган отворил оган, при што полицијата возвратила. Во престрелката Драган бил тешко ранет и пренесен во градската болница.

Партиската организација стапила во контакт со Драган преку берберот Киро Бадакот, кој ги бричел пациентите во болницата, но акцијата за негово ослободување пропаднала поради неговото непредвидено ликвидирање на 25 октомври како одмазда за борбите кај село Прилепец.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc