Борка Талески

Борка Талески

Борка Петров Талески (Црниот, Модерното, Октоподот) е роден на 19 август 1921 година во Прилеп.

По завршувањето на основното училиште, се запишал во Битолската гимназија. На 17 години, како гимназијалец, објавил книжевни прилози и филозофски расправи во списанието „Подмладак“, кое се печатело во Крагујевац. По завршувањето на Гимназијата, се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, каде што во 1939 година постанал член на КПЈ.

На 2 август 1940 година бил учесник на Илинденските демонстрации во Прилеп, поради што бил уапсен. По судењето во Белград, казната затвор ја издржал во затворот на Ада Циганлија.
Во 1940 година заедно со повеќе прилепчани е мобилизиран под изговор за воена вежба и е одведен во концентрациониот логор за изолација во Меѓуречје кај Ивањица.

Во 1941 година станал член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. На почетокот на јуни излегол во илегалност и од јули 1941 година се приклучил во Прилепскиот партизански одред.

Тој бил непосреден организатор и учесник во првите македонски партизански одреди против фашистичкиот окупатор, како и во организирањето на октомвриското востание во 1941 година.

На 2 март 1942 година, околу 15 часот, враќајќи се заедно од Кавадарци, Борка Талески и Лазо Филипов Колевски – Лавски, во месноста Чашка, во близина на селото Плетвар, по претходно предавство, паѓаат во заседа подготвена од страна на бугарската полиција.
Иако вооружени со по еден револвер и бомба загинуваат без да успеат да дадат отпор.
Според полицискиот билтен од 20 март 1942 година, предавството го извршил тогашниот кмет од селото Царевиќ а убиени биле од старешината на полициската станица во Тројаци, Дончо Колев со автомат „Шмазер“ од оддалеченост од 380 метри.

На 5 јули 1951 година посмртно е прогласен за народен херој на ФНР Југославија и НР Македонија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc