Блага Талеска - Ружето

Блага Талеска – Ружето

Блага Талеска – Ружето , борец на Петтата бригада, загинала во ноември 1944 година за време на ослободувањето на Охрид.

Кажувања на Нада Талеска, мајката на Блага:

„Немирот на моето дете стана и мој немир, и немир на помалата ќерка Цена, која не ги издржа маките во куќата на Шајкара, умре млада, зелена. А дури беше жива, пред провалата во градов, заедно со Блага, деноноќно шепотеа за борбени работи“.

Во мај 1944 година биле фатени 50-тина скоевци, од нив 18 девојки, меѓу кои и Блага Ружето. Една по една, сите биле донесени во куќата на Шајкаровци, каде цели 18 дена биле измачувани.

„Блага Ружето – се сеќава Љубе Прпеска, – со своето храбро однесување служеше за пример. Единствено нешто што ја мачеше беше нејзината помала сестра Цена, која од ќотек и грижи за неа тешко заболе и умре млада, претепана, преболена.“

Потоа Ружето била интернирана во Бугарија и по еден месец вратена назад.

„Јас мислам – се сеќава мајка и Нада, – дека тогаш умирав по втор пат. Нејзината снага беше права како свеќа, покрај сето мачење, а нејзиното лице имаше боја на восок“.

По неколку дена, на 6 септември излегла со изговор дека ќе оди в чаршија да си ги земе чевлите од кај некој кондураџија. Но, веќе не се вратила. И пристапила на 5-тата Македонска ударна бригада – Прилепска. Јордан Паноски-Моцо присуствувал на најкритичните мигови од нејзиниот живот:

„Во близина на Охрид, во еден миг на повлекување, слушнав болен крик од познат глас.

- Ружето падна – свикаа мнозина.

Јас и неколкумина други, со крајни напори ја кренавме и ја положивме под една цреша. Куршумот и имаше влезено одзади, откај `рбетот, та и ги имаше искинато и цревата. Потоа ја преновме во Охридската болница каде двајца германски лекари, кои доброволно се предале и ги санираа раните. Тие работеа мошне совесно на нејзината рана. Искинатите црева ги потсекуваа и ги шиеја. Но, во еден момент ги слушнав на германски како си рекоа: Побрзо, повнимателно, – вели Моцо.

Во еден момент на операцијата Ружето со шепот и се обрати на болничарката: Доста бабо сечевте, сета ме исековте.

Мајка и Нада отишла во Охрид за да ја теши ќерка си: Не плаши се чедо, ти си храбра. Ти колку работи издржа досега. Што е ова? Мала раничка, ништо. А, била свесна дека наскоро засекогаш ќе го испрати своето најмило, засекогаш.

- А мори мамо! Велиш: нема ништо. Ќе видиш после, кога ќе ме преврзуваат – и велеше Ружето на мајка си – Можеш мамо да сфатиш дека стомакот ми е партал сторен? Но, не е важно, освен тебе не губам ништо друго. Најголемото богатство што го имав беше Партијата. Од срце велам: да живее Партијата, слободата е веќе наша…

Погледот на Ружето, што вечно гореше под нејзините пијавести веѓи, стивна. Телото и беше пренесено во Прилеп, каде што со извесни почести беше извршен и погреб.

Песна за Ружето

…Падна тешко ранета
Македонка мома убава
Во рамно поле охридско
Ружето од град Прилеп

Последни думи моме изрече:
другари, мили другари
аманет голем ви оставам
за Македоноја да се борите…

Македонија да ја браните
од тие клети тирани
што сакаат да не поробат
од мало, па до големо..

Штом последни думи изрече
со лицето си се насмеа
и очите си ги затвори
и последен пат се издиша…

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc