Блага Рампова со својот курир...

Блага Рампова

Блага Рампова Јорданова во првите денови на окупацијата, како активист на КПЈ, дејствувала по прилепските села врбувајќи нови партиски членови.

Поради партиските активности во февруари 1942 година е уапсена од страна на бугарските агенти во Прилеп.
По приведувањето во полициската станица Блага била подложена на сослушување и измачување а пред груповиот началник Стојчев не дала никакви признанија одбивајќи да ја потпише декларацијата издготвена од него.
Поради недоволно докази против неа, од страна на бугарските власти е интернирана во Ивајловград во Бугарија каде што е задржана до 23 мај 1942 година.

На 6 септември 1942 година, при борбите со бугарската војска и полиција кај Смиловци, Блаже Спиркоски бил ранет, а неговата чета била разбиена. По борбата, Киро Бајрамче илегално го пренесол ранетиот Блаже во Прилеп во куќата на Крстечаните на улица „Цар Крум“ бр.8, во близина на Орта Џамија, каде што Блага Рампова се грижела за ранетиот Блаже и му ја давала потребната медицинска нега.

Утрото на 8 септември 1942 година, куќата во која се наоѓале Блаже Спиркоски, Киро Бајрамоски-Црне и Блага Рампова била опколена од бугарската полиција. Опколените успеале да се повлечат во соседната куќа, но набрзо Бугарската полиција ја запалила куќата, при што ранетиот Блаже бил убиен, а ранетите Киро и Блага биле пренесени во полициското комесарство, од каде што подоцна биле пренесени во битолската болница, каде што им била извршена успешна операција.

Во дворот на полициското комесарство, ранетата и во бесознание Блага скоро цел ден била оставена на септемвриското сонце. Наскоро се собрале прилепчани, меѓу кои била и нејзината мајка, на која не и дозволиле да и даде вода на ранетата ќерка.

Извештај на бугарскиот полицаец Јордан Димитров:

„…По еден миг од визбата на соседната куќа која беше тукуречи разрушена излезе една девојка која држеше пиштол во раката.
Јас се сепнав и сакав да се скријам, но таа тргна по мене и јас излегов на патот, а таа влезе во турската куќа. Девојката беше сама во куќата, бидејќи Турците за време на престрелката ја беше напуштиле куќата.

Началникот и рече на сопственичката-каданата да влезе во куќата и да и рече на девојката да излезе и да се предаде, но набрзо каданата излезе и кажа дека девојката и рекла:

- Бегај, јас ќе ги отепам и нема да се предадам…

Набрзо девојката почна да стрела однатре.
Ние полицајците почнавме да стреламе и да фрламе бомби кон куќата, но девојката пак не се предаде. По 15 минути влеговме во куќата и ја извадивме девојката полумртва и ја испративме во полициското командантство. Потоа разбрав дека девојката била постојано со двајцата комити, а жителите на куќата во која лежеше ранетиот Благој рекоа дека таа девојка цело време била со него во куќата, му носела храна и го преврзувала… Разбрав дека пиштолот, со кој стрелаше, бил на еден наш колега полицаец кој пред неколку дена беше убиен…“

Заменик обвинителот на Скопскиот воен суд на 18 јануари 1943 година испратил допис до командантот на полицијата во Прилеп, во кој барал да му бидат испратени доказите против Блага Рампова Јорданова и притоа нагласувајќи:

„Блага Рампова Јорданова да се задржи в затвор се до извршувањето истрагата, бидејќи е опасна комунистка…“

На 25 јануари Скопскиот воен суд, според обвинителниот акт бр. 316, покренал обвинение против Блага Рампова. Судењето било извршено во зградата на Офицерскиот дом во присуство на граѓани, каде што Блага била осудена на 15 години строг темничен затвор.
Казната ја издржувала во затворот „Црн Мост“ во Битола се до капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc