Мирче Ацев (средина) во четата на прилепскиот војвода Коне Павле

Ацеви – Колено на патриоти и револуционери…

АЦЕВИ – КОЛЕНО НА ПАТРИОТИ И РЕВОЛУЦИОНЕРИ…

Јули 1967 година
„Народен Глас“

Во плејадата истакнати борци – револуционери од нашиот крај, видно место заземаат Ацеви, и тоа не само поради нивната приврзаност кон целите и задачите на македонското ослободително движење, и поради нивното херојско држење и жртви, туку и поради фактот дека целата фамилија, целото колено на Симонови – Ацеви безрезервно и предано работело и придонело эа афирмација на македонското ослободително дело.

Бунтовното колено на Ацеви започнало од дедо Симон. Тој бил висок и снажен човек, полн со животна енергија.
Неможејќи да го трпи господството и зулумите на турските аги, тој прв во Ореовец го фатил за гуша и добро го „истресил“ тогашниот ага, чифлик-сајбија во Оревоец, кај кого сите селани биле наемници.
Симон од турчинот побарал да го продаде својот имот и да го напушти селото. Откога пашата се уверил дека „ѓауринот“ не се шегува го оставил имотот и никогаш повеќе не се појавил во Оревоец. На тој начин дедо Симон и другите селани се здобиле со земја и го населиле Ореовец.
И ден денеска по името на дедо Симон многу места во оревоечко се викаат по неговото име (симоновско маало, симонов забел, симоновски ливади и тн.)
Дедо Симон имал само еден син, Аџи-Костадин, кој како ајдук бил убиен од страна на турците во Заполошка река.

Аџи-Костадин имал пет синови: Аце, Тасе, Ѓорче, Ноне и Симон.
Бидејќи станале голема фамилија некој од синовите се преселиле во Прилеп каде што се занимавале со трговија и препродажба на масло, безир (лак за дрво) и др. Покрај трговијата биле и сопственици на ан.

Прилепските трговци Кочо и Даме Небреклија гледале во Ацеви опасни конкуренти, па сакале на некаков начин да ги елиминираат. Во една прилика Аце побарал од Небреклиовци заем од 50 минсој и со тие пари се закренал на пазар во Градско.
Бидејќи Небреклиевци биле „учкур“ со турците, кои исто така ги мразеле Симоновци поради честите кавги со нив, особено со турците Кркевци од Пештерица, а сакајќи да ги истиснат од чаршијата и трговијата потплатиле некои турци кои во заседа кај „Улански уши“ во близина на Градско го убиваат и опљачкуваат Ацета.

Аце имал шест сина и три ќерки: Мирче, Илија, Дончо, Петре, Ордан, Гога, Ануша, Султана и Анастасија.
По смртта на татка си, неможејќи да се прехранат, Мирче, Илија, Петре и Анастасија во различни временски периоди, неколку пати одат и се враќаат од печалба во Бугарија.

Во тој период немирниот дух го води Мирче Ацев во четата на Коне Павлов.
Тој таму е се до нејзиното разбивање во 1886 година, (за време на провалата е заробен и самиот Коне, кој што подоцна е отруен во затвор) кога е заробен и Мирче Ацев по што е затворен во солунскиот затвор, Бејаз Куле (Белата кула, од каде што подоцна успева да избега и да се префрли во Софија.
Од Софија по задаток на организацијата неколку пати патувал до Македонија и назад, а еднаш го обезбедувал и патувањето на Гоце Делчев од Софија во Македонија.
Мирче Ацев за време на владеењето на Стефан Стамболов во Бугарија развива голема револуционерна активност.
Бидејќи македонскитее организации биле под жесток удар на владата на Стамболов, тие организираат атентат над Стамболов во кој сучесник бил и Мирче Ацев поради што бил осуден на 3 години строг затвор во затворот „Црна џамија“.
По ослободувањето од затвор Мирче Ацев формира казнена чета и води неколку борби со турскиот аскер во Пиринска Македонија а подоцна и во прилепско. Каде и да се појавела неговата чета, таа им влевала страв и несигурност на турските зулумџии.
Во 1901 година, на пат кон тиквешкото село Уланци, турците ја откриваат и ја опколуваат неговата чета. По неколку часовна борба четата била разбиена, при што загинува и Мирче Ацев.

Петре Ацев со сестра си Анастасија живеел во Велико Трново каде што завршил гимназија и педагошка школа. По решение на Револуционерниот комитет е назначен за учител во Крушево.
Во Крушево имало уште двајца учители, протагонисти на големосрпската пропаганда со кои Петре и неколку негови другари влегуваат во кавга.
По ова Петре Ацев и Методија Стојчев решаваат да ги убијат овие учители по што се одметнуваат во планина каде што со уште неколку четници формираат чета.
Петре зел активно учество во илинденското востание, каде што делувал во мариовскиот реон при што учествувал во многу борби со турската власт, но и со просрпските и грчките пропагандни чети.
На 28 јуни 1904 година, четите на војводите Петар Ацев и Никола Каранџулов воделе борба со турскиот аскер на месноста „Ќулето“ кај село Селце, во која загинува војводата Никола Каранџулов. Во 1907 година учествувал во битката на Ножот, заедно со војводите Тане Николов, Иван Наумов, Михаил Чаков, Христо Цветков и Мирче Најдов.
По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна како осомничен за убиството на србоманскиот војвода Глигор Соколов(иќ), од страна на власта бил уапсен и и осуден на доживотен затвор, а казната ја отслужувал по разни затвори низ Македонија и Мала Азија. По 15 месеци робија, во 1911 година е ослободен од сите обвиненија, по што се населува во Пловдив.
Во 1924 година за време на Горноџумајските случувања е ранет од страна автономистите на Ванчо Михајлов.
Петре Ацев умира 1939 година во Софија.

Ѓорѓи Ацев после завршувањето на основното училиште во Прилепската гимназија се запишува во Педагошкото училиште во Скопје.
По завршувањето е назначен за учител во село Страхово, Неготинско. Таму Ѓорѓи како учител се поврзал со Организацијат и месната чета и активно соработувал со нив.
Тоа не им одело во прилог на локалните турци кои решиле да го ликвидираат.
За таа цел му испраќаат двајца шпиуни кои наводно требало да го однесат на средба со месната чета, но всушност требало да го однесат во претходно поставената заседа од страна на турците.
Откако Ѓорѓи ја увидел подвалата, ги убива двајцата шпиуни и бега во Неготино, каде што стапува во четата на војводата Петар Ласев од каде што преминува во четата на неговиот брат Петар.

Кога Петар Ацев во 1905 година заминува во Бугарија ја презема командата на четата.
После неколку борби со турците во Прилепско, четата на Ѓорѓи заедно со четата на велешкиот војвода Костадинов, се префрлаат во Азот-Поречието.
За време на казнена експедиција во околината на селото Крапа, по претходно предавство се сардисани од србоманската чета на Григор Соколов(иќ).
Во барбата со нив, четата на Ацев и Костадинов е дедесеткувана, Костадинов убиен, а Ѓорѓи е тешко ранет. За да не падне жив во рацете на србоманите, се самоубива.

И другите браќа активно работеле во организацијата.
Илија Ацев во Софија ја снабдувал организацијата со оружје, бидејќи работел во фабрика за оружје.
Ордан Ацев прво бил учител во село Оревоец, а потоа заминал во Пловдив каде работел во Комитетот.
Дончо Ацев останал во Оревоец каде што бил организатор на месната милиција која во координација со четата на брат му Ѓорѓи извршува повеќе диверзантски акции на потегот од патот Прилеп-Велес.
И сестрите, особено Анастасија и Султана, активно работеле во прибирање на помош за Организацијата.

Л.М

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc