Романска икона на Свети Никодим Тисмански

Свети Никодим Тисмански

Преподобен Никодим е роден 1310 или 1320 година, во градот Прилеп, во Македонија. Од детството бил воспитан во благочестието, а како многу надарено момче вредно ги изучил науките. Проучувајќи го Светото Писмо и православното богословие, тој од сета душа го засакал монашкиот живот и го молел Бога да го удостои со монашки чин.

Со некои монаси од светогорскиот манастир Хиландар заминал на Атос. Кога стигнал на Атос, во градината на Божјата Мајка, преподобен Никодим прво се подвизувал во манастирска заедница, а потоа својот подвиг го продолжил сам во некоја пештера во близина на манастирот Хиландар. Оградуван со Христовата благодат, заради своето смирение, ја познал дејственоста на светата молитва и се удостоил со дарот на пророштво и чудотворење. Така станал познат меѓу монасите на Света Гора.

Во 1341 бил ракоположен за ероѓакон, а во 1343 година за еромонах. Како игумен на манастирот Хиландар, преподобен Никодим придонел тоа братство да достигне до стотина монаси, поучувајуќи ги сите во стравот Божји и хранејќи ги со учењата од Светото Писмо. Бил искусен учител на Христовата молитва, голем богослов и духовен отец на многумина, па како таков бил избран и за прот на Света Гора. Многу пустиници, монаси и игумени оделе при него за совет и душополезен збор, а бил многу почитуван и од кнез Лазар.

Во 1375 година, преподобен Никодим посредувал во Константинопол за разрешување на конфликтот меѓу Српската Црква и Константинополската Патријаршија, кој настанал по едностраното прогласување на Српската Црква за Патриаршија во 1346 година. Иако отишол со делегацијата само како преведувач, патријархот Филотеј и царот биле восхитени од смирeнието и мудроста на преподобниот. Преподобен Никодим со светоста на неговиот живот дал значаен придонес во одлуката на Константинополската Патријаршија да ја укине анатемата со која ја осудила Српската Црква. Потоа, од Света Гора со неколкумина ученици отишол на југ крај Дунав, близу Видин, во Бугарија, каде што основал две мали монашки заедници: Вратна и Манастирица.

Во 1364 година преминал во Валахија (денешна Романија) и се населил на брегот на реката Водица, каде што била испосницата, која ја основале валахиските монаси. Таму преподобен Никодим, со помош на владетелите Владислав I (Влајку Вода) (1364-1377) и Раду (1377-1384) и подвижниците кои живееле во тие предели, изградил келии и храм посветен на Свети Антониј Велики, кој бил осветен во 1369 година. Манастирот Водица потоа бил богато даруван и утврден со владетелска хрисовула, во која меѓу другото, пишувало: „По смртта на кир Никодим, никој да не поставува на тоа место старец – ни владетел, ни архиереј, ниту кој било друг – туку како што Никодим ќе нареди и постави, така монасите кои таму живеат да почитуваат и тие самите за себе да поставуваат старец“.

На брегот на реката Тисмана, (каде уште на почетокот на XIV век се подвизувале многу подвижници собрани околу црква посветена на Успението на Божјата Мајка), преподобен Никодим, на местото наречено „Водопади“, го изградил војводскиот манастир Тисмана, исто така посветен на Успението на Божјата Мајка, со помош од влашките владетели Раду I и Дан I, во периодот 1377–1378 година. Големиот старец таму го основал познатото манастирско братство со десетина монаси, го помагал одржувањето на подвижничкиот живот на бреговите на Тисмана и поставил правила на заедничкото (киновиско) монашко живеење, според правилата на Света Гора. Откако околу него се собрале неколку одлични монаси, во Тисманскиот манастир основал школа за калиграфи и препишувачи на црковни книги. Таа школа била прочуена ширум Балканот. Оттаму преподобен Никодим ги раководел сите манастири кои ги основал и се допишувал со игумените и учениците од Атос, Србија и Влахија, па и со патријархот Евтимиј од Трново, притоа покажувајќи се како голем богослов и духовник.

Пред староста, свети Никодим го доверил раководењето на манастирите Водица и Тисмана, на својот ученик Агатон, а тој меѓу 1399 и 1405 година се повлекол за подвизи во една пештера над манастирот. Таму преподобниот се подвизувал во текот на седмицата со пост, ноќни бдеења и постојана молитва. Само во Недела и на празници слегувал од пештерата во Тисманскиот манастир и служел Света Литургија. Потоа, на средбите со народот и отците поучувал со боговдхановени зборовии и повторно се враќал во пештерата.

Името на свети Никодим Тисмански се прочуло и од другата страна на Валахиската земја, заради неговиот свет живот и дарот на исцелување од секоја болест. Манастирските преданија говорат дека многу болни се исцелувале уште со самото пристигнување во манастирот. Други се исцелувале преку молитвата и благословот на преподобниот или само со допирот на неговото расо. Меѓу оние кои ги исцелил свети Никодим, била и ќерката на кралот Сигисмунд.

Пред крајот на XIV век, свети Никодим Тисмански со неколку ученици во долината Жиуа, го основал манастирот Вишина, посветен на Света Троица, на местото каде што имало стара испосница. Во 1400 година го основал манастирот Прислоп, кој подоцна е наречен Горен Силваш, во пределите на Хунедоара, исто, посветен на Света Троица, со помош од владетелот Мирчеа Стари. Во тој манастир преподобниот се подвизувал неколку години. Таму своерачно напишал едно словенско Тетраевангелие (1404-1405), кое до денес се чува во Националниот историски музеј во Букурешт.

Свети Никодим Прилепски и Тисмански се преставил во небесниот и неминлив живот на 26 декември 1406 година. Неговите свети мошти биле погребени во црквата на манастирот Тисмана.

Кога Бог ги прославил неговите мошти, кои се покажале полни со божествена благодат, мироточиви и исцелителни, тие биле извадени, положени во ковчег и поставени во црквата која ја изградил свети Никодим – а каде што почиваат и моштите на свети Григориј Декаполит – во светиот манастир Бистрица.

По многу години, валахискиот владетел сакал да ги земе моштите на светителот од манастирот Тисмана и да ги однесе во Букурешт. Но, се покажало дека тоа не било волјата на светителот. Имено, свети Никодим се јавил во сон на некој монах, заповедајќи му да каже на игуменот да ги скрие неговите мошти, а само еден прст да остави заради верните. Исто така, му се јавил и на игуменот, заповедајќи да направи како што му рекол монахот. Игуменот зел еден прст и миро од светите мошти и го ставил во ковчеже заедно со оловниот крст, кој светиот го носел околу вратот. Тој крст се наоѓа во манастирот Тисмана до денешен ден, но миро никому не му е дозволено да зема, туку само може да се целива садот со мирото.

Така, моштите на преподобниот биле скриени и чувани многу години, а за тоа знаеле само игуменот и еден монах од манастирот. Моштите останале скриени до денешен ден. Преку останатите парчиња мошти на преподобен Никодим до денес се случуваат големи чуда. Демони се изгонуваат од луѓе со повикувањето на името на светиот и разновидни исцелувања се даруваат на оние што со вера пристапуваат кон свети Никодим.
Заради неговите молитви, Христе Боже, помилувај и спаси нè. Амин.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc