Протоколната книга.

Ретка и значајна протоколна книга во архивата на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп

РЕТКА И ЗНАЧАЈНА ПРОТОКОЛНА КНИГА ВО АРХИВАТА НА ЦРКВАТА „СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ“ ВО ПРИЛЕП

Црквата „Свето Благовештение“, како соборна црква при Прилепското архиерејско намесништво“, поседува богата колекција на вредна библиотечна и архивска граѓа. Во нејзина сопственост се неколку ракописни книги, кои грижливо се чуваат во црковното музејско депо. Освен нив, во библиотеката се чуваат импозантен број на богослужбени книги, кои претставуваат богато црковно-историско и културно наследство. Покрај ракописните и богослужбените книги, црквата поседува и вредна архивска граѓа, меѓу кои спаѓаат и протоколните книги на крстени, венчани и починати, чиј дел (до 1945 година) се отстапени на Државниот архив на Република Македонија – одделение Прилеп, а од 1945 година, па до денес, тие се чуваат во црквата.

При складирањето и средувањето на старите протоколни книги, кои се чуваа во магацинските простории на црквата, пронајдовме и една ретка и интересна протоколна книга со наслов: „Књига I Верских прелазника – иновераца у Православље цркве Св. Благовештења у Прилепу“. Оваа протоколна книга е во тврд повез, има 12 листа (24 страници), печатена е според Образец бр. 78 во Српската министерска печатница во Сремски Карловци во 1929 година, која се јавува и како нејзин издавач. На последната страница се наоѓа восочен црвен печат со натпис: „Архијерејски намесник – Прилеп“ и крст во средина. За веродостојноста на протоколната книга, како и за точноста на бројот на листовите и страниците, потпишан е тогашниот прилепски намесник – прота Павле Наумовиќ.

Воопшто, протоколните книги низ историјата служеле за внесување на податоци за идентификација, а нивното значење, во прв ред, било за определување на нивните функции преку документирано сведоштво за граѓанската состојба. Токму такви податоци за идентификации содржи и оваа Протоколна книга. Во неа се содржат десет графи, во кои биле запишувани податоци за лицата, кои преминале во Православна црква. Распоредот на графите е по следниов ред:

1. Реден број (Текући број);
2. Име и презиме, занимање и место на живеење на оној кој преминал во православна вера (Име и презиме, занимање и место пребивања прелазника);
3. Пол и состојба (за мажите: женет, неженет, вдовец; за жените: мажена, немажена, вдовица); (Име и стање прелазника: мушке – жењен, нежењен, удов; женске – удата, неудата, удова);
4. Место, година, месец и ден на раѓање и преминување (Место, година месец и дан рођења и прелаза);
5. Име и презиме на родителите, односно, сопругот или сопругата (Име и презиме родитеља, односно супруга или супруге);
6. Од која вероисповед во која преминува? (Из које вероисповести у коју прелази?);
7. Дали преминувањето е извршено во согласнот на конзисторскиот налог од 18.04.1846 година, бр. К. 97. на основа на §§ 5. до 11. заклучно со член III од 1844 година (Је ли прелаз обављен у смислу конзистор. Налога од 18/IV 1846. бр. К. 97. на основу §§. 5. до 11. зак. чланка III. од 1844г.);
8. Име и презиме, состојба и занимање и место на живеење на сведокот (Име и презиме, стање и занимање и место пребивања сведока?);
9. Име и презиме на свештеникот кој го извршил чинот на преминување (Име и презиме свештеника, који је обавио прелаз);
10. Забелешки (Примедбе).

Интересно е да се забележи дека ваква Протоколна книга се наоѓа и во Архивот на Српската Православна Црква, во фондот на Белградскиот духовен суд, а се однесува на периодот од 1860-1892 година. Во оваа Протоколна книга забележани се имињата на 3654 лица, кои преминале во Православната црква. Имајќи го предвид фактот што нашата Протоколна книга започната е да се води во 1931 година, доаѓаме до сознание дека Епархиите, кои во тоа време се наоѓале под управа на Српската Црква (вклучително и Епархиите на територијата на денешна Македонија), имале доста работа со неофитите. Но, од друга страна, пак, вака малиот број на оние луѓе, кои се одлучиле да живеат според началата на православната вера, говори за тоа дека Црквата во Кралството Југославија не била прозелитистички настроена, туку како државна вера во апсолутна нумеричка смисла на мнозинството население (Срби, Македонци, Црногорци), ги привлекувала доселениците и дојденците.

Во Кралството Југославија се доселувале разни емигранти од повеќе земји низ Европа. Така, еден дел од доселениците, кои биле родени во друга вера, во новата средина одлучувале да ја земат верата на своите домаќини. Токму оваа Протоколна книга во таа смисла е важна, зашто ни говори за начинот на кој тие се присоединувале во Православието. Освен тоа, Протоколната книга ни сведочи и за деталната процедура, која ја почитува слободата на совеста и никому не натура рецепт и императив на метафизичко спасување. Можеби во нашата Протоколна книга и нема толку многу лица кои би биле емигранти, но тука се запишани оние, кои се мажеле во Прилеп, а тука доаѓале од разни краишта низ Кралството Југославија.

Бидејќи станува збор за вреден архивски документ, во прилог на текстот се наоѓа и список на сите оние, кои преминале во Православната Црква, а чии имиња се запишани во оваа Протоколна книга:

1. Надежда Ќатиќ, домаќинка, вдовица од Прилеп, родена на 15.02.1909 година во Приједор (Босна), од родители Мехо и Шерифа Ќатиќ, преминала од муслиманска во православна вера на 20.06.1931 година, сведоци: Стојна Михајловиќ (домаќинка) и Даница Петровиќ (ученичка) од Прилеп, чинот го извршил отец Ѓорѓе Дамиќ, пред преминувањето се викала Алема;

2. Мирјана, немажена, од родители Јосиф и Роза, преминала од римокатоличка во православна вера, сведок: Андон Трајковиќ од Прилеп, чинот го извршил отец Јован Грдановиќ, пред преминувањето се викала Мартина;

3. Драгица Ф. Шлути, болничарка од Прилеп, со место на живеење на ул. Хајдук Вељко, немажена, родена на 26.01.1903 година во Чемшеник (Словачка), од родители Франц и Марија Шлути, преминала од римокатоличка во православна вера на 16.09.1933 година, сведоци: Костандина Ивановиќ и Милојка Сретеновиќ, домаќинки од Прилеп, чинот го извршил отец Ѓорѓе Дамиќ, пред преминувањето се викала Франциска;

4. Павле Карашиќ, градинар од Пепелиште, срез Неготино, неженет, роден на 12.05.1912 година во Бељина (Босна), од родители Јаков и Ката Карашиќ, градинари, преминал од назаренската секта во православна вера на 30.09.1933 година, сведок: Алекса Трифуновиќ, писар од Прилеп, чинот го извршил отец Наум Трифуновиќ, пред преминувањето се викал Павле;

5. Катица М. Тадиќ, домаќинка од Прилеп, со место на живеење на ул. Далматинска, немажена, родена на 12.12.1900 на островот Хвар (Хрватска), од родители Марин и Марија Тадиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 14.01.1934 година, сведок: Ѓорѓе Радовановиќ, инжинер од Прилеп, чинот го извршил отец Ѓорѓе Дамиќ, пред преминувањето се викала Катица;

6. Душанка Хакер, домаќинка од Прилеп, со место на живеење на ул. Крал Волкашин бр. 9, немажена, родена на 25.02.1915 година во Сента (Бачка), од родители др. Калиман Хакер (професор во Гимназија) и Бергел Терезија, преминала од еврејска во православна вера на 07.02.1934 година, сведок: Љубисав Павловиќ, артилерски поручник од Прилеп, чинот го извршил отец Наум Трифуновиќ, пред преминувањето се викала Сузана;

7. Милан Јуришиќ, машиноводач од Прилеп, со место на живеење на ул. Крал Петар бр. 94, неженет, роден на 15.11.1893 година во Нови Бановци (Дунавска бановина), од родители Ѓуро и Ката Хуњади, преминал од римокатоличка во православна вера на 25.04.1934 година, сведок: Милан Павличевиќ, шеф на сообраќајна служба од Прилеп, чинот го извршил отец Димитријевиќ, пред преминувањето се викал Себастијан (извршил и смена на презимето Хуњади во Јуришиќ, а за домашна слава го зел празникот во чест на Свети Јован Крстител);

8. Зорка Величек, домаќинка од Прилеп, со место на живеење на ул. Пашиќева бр. 229 б, немажена, родена на 28.03.1909 година во Нови Сланкамен (Дунавска бановина), од родители Максим и Реза Величек, преминала од римокатоличка во православна вера на 18.06.1934 година, сведок: Рахила Васковиќ од Велес, чинот го извршил отец Хаџи Бошко Трифуновиќ, пред преминувањето се викала Зора;

9. Љубица Сабати, домаќинка од Прилеп, немажена, родена на 27.11.1912 година во Доњи Кнегинец, Вараждински срез (Савска бановина), од родители Мијо и Мара Сабати, преминала од римокатоличка во православна вера на 30.08.1934 година, сведок: Тодор Шпаловиќ, градежник од Прилеп, чинот го извршил отец Кирил Стојановиќ, пред преминувањето се викала Љубосава;

10. Славка Магдиќ, домаќинка од Прилеп, немажена, родена на 23.03.1914 година во Кнегинец, Вараждински срез (Савска бановина), од родители Магдалена Магдиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 30.08.1934 година, сведок: Илија Јановиќ, бакалин од Прилеп, чинот го извршил отец Ѓорѓе Дамиќ, пред преминувањето се викала Вјекослава;

11. Ана Пакаи, домаќинка од Прилеп, со место на живеење на ул. Крал Петар бр. 38, немажена, родена на 21.01.1916 година во Даљ (Савска бановина), од родители Мирко (железничар) и Елизабета Пакаи, преминала од римокатоличка во православна вера на 25.08.1934 година, сведок: Јосиф Хеџиќ, железничар од Прилеп, чинот го извршил отец Милан Смичковиќ, пред преминувањето се викала Ана;

12. Јелисавета Врбетиќ, домаќинка од Прилеп, немажена, родена на 24.10.1914 година во Карловац (Савска бановина), од родители Јурај (полициски чиновник) и Дора Врбетиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 27.08.1935 година, сведок: Стефка Коневиќ од Прилеп, чинот го извршил отец Кузман Анѓелковиќ, пред преминувањето се викала Елизабета;

13. Магда Сертиќ, домаќинка од Прилеп, со место на живеење на ул. Дурмиторска бр. 2, немажена, родена на 14.12.1912 година во Бриње (Савска бановина), од родители Марко (земјоделец) и Манда Сертиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 04.02.1937 година, сведок: Михаило Ташиќ, монополски работник од Прилеп, чинот го извршил отец Боривоје Темељковиќ, пред преминувањето се викала Манда;

14. Поликсенија Фолбер, музичарка од Прилеп, немажена, родена на 14.11.1900 година во Смечно (Чехословачка), од родители Франциско (професор по музика) и Марија Фолбер, преминала од римокатоличка во православна вера на 07.02.1937 година, сведок: Крум Јовановиќ, клисар од Прилеп, чинот го извршил отец Боривоје Темељковиќ, пред преминувањето се викала Леополдина;

15. Марија Месе, слугинка, немажена, родена на 13.04.1909 година во Рогачка Слатина (Славонија), од родители Иштван (земјоделец) и Ана Месе, преминала од римокатоличка во православна вера на 21.05.1937 година, сведок: Јелена Мирковиќ од Прилеп, чинот го извршил отец Кузман Анѓелковиќ, пред преминувањето се викала Марија;

16. Милан Голдшмит Златаровиќ, заменик на државниот тужител од Прилеп, со место на живеење на ул. Цетинска бр. 21, неженет, роден на 07.10.1907 година во Липик, Пакрачки срез (Савска бановина), од родители Исо и Марта Голдшмит од Загреб, преминал од еврејска во православна вера на 26.01.1939 година, сведок: Никола Петровиќ, судија при срескиот суд во Прилеп, чинот го извршил отец Димитрије Томачински, пред преминувањето се викал Милан;

17. Верица Маркеш, домаќинка од Иваниќ-Клоштра, немажена, родена на 13.08.1919 година во Иваниќ-Клоштра (Савска бановина) од родители Ѓуро и Ката Маркеш, преминала од римокатоличка во православна вера на 22.04.1939 година, сведок: Пуликсенија Костиќ од Прилеп, чинот го извршил отец Димитрије Томачински, пред преминувањето се викала Драгица;

18. Марија Петерлин, домаќинка, немажена, родена на 01.01.1920 година во (?) (Дравска бановина), од родители Винценциј и Марија Петерлин, преминала од римокатоличка во православна вера на 05.09.1939 година, сведок: Никола Пепељуговиќ, бакалин од Прилеп, чинот го извршил отец Боривоје Темељковиќ, пред преминувањето се викала Марија;

19. Ружа Шешок, фризерка од Загреб, немажена, родена на 30.09.1917 година во Загреб, од родители Ѓуро Шешок (ѕидар) и Марија Петраниќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 26.09.1939 година, сведок: Илка Московиќ, домаќинка од Прилеп, чинот го извршил отец Ѓорѓе Дамиќ, пред преминувањето се викала Ружа;

20. Марија-Нада Ханжевачки, суплент при прилепската Гимназија, немажена, родена на 08.02.1913 година во Осијек, од родители Јосип (капетан) и Марија Ханжевачки од Бјеловар, преминала од римокатоличка во православна вера на 22.03.1940 година, сведок: Мирко Лошиќ, професор од Прилеп, чинот го извршил отец Боривоје Темељковиќ, пред преминувањето се викала Марија-Нада;

21. Даница Боршади, домаќинка од Бачка Топола, немажена, родена на 16.02.1917 година во Бачка Топола, од родители Јосиф Боршади и Барбара Буѓи, преминала од римокатоличка во православна вера на 31.03.1940 година, сведок: Спасија Спириќ, домаќинка од Прилеп, чинот го извршил отец Ѓорѓе Дамиќ, пред преминувањето се викала Изабела.

Тука прекинува периодот, кога црквата „Свето Благовештение“ се наоѓала под управа на Српската Патријаршија. Карактеристично е што за време на Бугарската Егзархија, односно, во периодот на Втората светска војна, во Протоколот нема запишано ниту едно преминување во православна вера. Дали овој процес запрел, или, пак, немало преминување, останува непознато.

По завршувањето на Втората светска војна, продолжено е водењето на Протоколот, и тоа од 1949 година. До завршувањето на водењето на овој Протокол, запишани се уште седум преминувања во православна вера, и тоа по следниот распоред:

1. Марија Јосипова Филипашиќ, кројачица од Загреб, немажена, родена на 10.06.1924 година во Доњи Краљевац, од родители Јосип Филипашиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 07.07.1949 година, сведок: (името не е забележано), чинот го извршил отец Цветко Крстески;

2. Мила Антева Миличиќ, член на Хрватскиот народен театар од Загреб, со место на живеење на ул. Гундулиќева бр. 38, немажена, родена на 14.04.1925 година во Прозор (СР БиХ), од родители Анте и Марија Миличиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 07.07.1950 година, сведок: Димитрија Димоски, студент од Прилеп, чинот го извршил отец Цветко Крстески;

3. Алфонс Џонески, земјоделец од Прилеп, со место на живеење на ул. 11 октомври бр. 39, неженет, роден на 30.03.1934 година во Призрен, од родители Јаков и Цветанка Џонески, преминал од римокатоличка во православна вера на 15.01.1953 година, сведоци: Методија Камчески, работник од Прилеп и Менка Видова Грубер, домаќинка од Прилеп, чинот го извршил отец Борис Талевски;

4. Рахилка Николова Грозданова, домаќинка од Радовиш, со место на живеење на ул. Браќа Ламески бр. 22 во Прилеп, немажена, родена на 07.04.1933 година во Радовиш, од родители Никола Грозданов и Магдалена Донева, преминала во протестантска во православна вера на 20.01.1953 година, сведок: Петар Вандески, службеник од Прилеп, чинот го извршил отец Георги Попоски;

5. Ката Михаилова Билег, домаќинка од Суботица, немажена, родена на 15.05.1945 година во Суботица, од родители Михаило Булег и Ката Тумбар, преминала од римокатоличка во православна вера на 22.07.1970 година, сведок: Крста Кироданова, медицинска сестра од Битола, чинот го извршил отец Цветко Крстески;

6. Ана Иванова Ротер, домаќинка од Марибор, немажена, родена на 15.07.1942 година во Партиље, Марибор, од родители Иван и Елизабета Ротер, преминала од римокатоличка во православна вера на 31.07.1973 година, сведок: Боце (?) од Прилеп, чинот го извршил отец Цветко Крстески;

7. Ана Ѓонова Марковиќ, домаќинка, немажена, родена на 04.09.1938 година во Панчиќи, Бар, од родители Ѓон и Марија Марковиќ, преминала од римокатоличка во православна вера на 05.08.1973 година, сведок: Снежана Дуева од Прилеп, чинот го извршил отец Цветко Крстески.

Тука завршува водењето на оваа вредна Протоколна книга. Се забележува дека најмногу преминувања има од римокатоличка во православна вера, но има и од еврејска (јудаизам) во православна, а карактеристично е што има и едно преминување од сектата на назарените во Православие. Можи да се забележи и тоа дека голем дел од оние, кои примиле православна вера се интелектуалци, високообразовани личности, дојденци од разни краишта на Кралството Југославија, но и од европски земји…

Како и да е, водењето и чувањето на оваа Протоколна книга претставува големо и значајно историско сведоштво. Останува нејасно зошто е прекинато водењето на оваа книга од страна на парохиското свештенство, а истовремено се поставува и прашањето зошто и денес не се изработуваат и печатат вакви Протоколни книги, во кои би се забележувале преминувањата во православна вера, кои и денес ги имаме, зашто по многу години, тие историски податоци ќе бидат премногу значајни за идните генерации.

Протоереј Златко Ангелески

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc